СИЛНИ УДАРИ ПО ДЕЛИКАТНИ МЕСТА

В среда премиера на “Швејк во Втората светска војна”

“Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски е новата претстава која премиерно ќе ја прикаже театарот “Војдан Чернодрински” во среда, 23 октомври од 20 часот. Претставата е според текст од Б. Брехт, по мотиви на Хашек и Пискатор. Преводот е на Благоја Ивчески.

За Кочовски претставата ќе  зборува за малку мрачна тема, која ќе биде раскажана на позитивен и духовит начин.

– Темата е за бесмртноста на тиранијата. Прашањата се како човештвото не успеа да се спаси од тиранијата во неколкуте документирани милениуми, зошто човекот не собра доволно сила да ги надмине тие проблеми, зошто тиранијата уште ја има? Ова ќе се прикаже низ неколку слоеви – историјата на фашизмот низ вековите, љубовната приказна меѓу идеалистот и материјалистот и прашањето за секој уметник – дали уметноста може да го спаси светот од тиранија? Претставата ќе удира силно, бидејќи доволно сме моќни да ги поставиме прашањата, а публиката се надевам ќе реагира и ќе се чувствува како во судница, а не како во театар – вели режисерот.

Кочовски по трет пат Брехт го поставува на нашата театарска сцена.

– Ова е чекор понапред од претходните “Тапани во ноќта” и “Кавкаскиот круг со креда”. “Швејк ….” ќе биде ново откривање. Претставата ќе е со позитивна еклектика од жанрови, ќе помине пат од гротеска, преку еден вид костимиран куклен театар, физички театар сé до експлозивна музичка драма. Силно ќе удира по деликатни места и ќе буди воодушевувачка радост од театарскиот чин – додава Кочовски.

На режисерот му е задоволство да работи со прилепскиот ансамбл.

– Позрели сме и поразлично ги гледаме работите. Естетски е многу интересно да се собере екипа која уметнички функционира совршено, која вистински го дефинира уметничкиот процес. Исполнет сум кога соработувам со екипата од прилепскиот театар – посочува Мартин.

Ќе играат Илија Волчески студент на ФДУ, Владимир Ѓорѓијоски, кој воедно е драматург и асистент на режија, Даниела Иваноска, Андон Јованоски, Јасмина Мицовска – Станкоска, Наташа Наумоска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Игор Трпче, Димитар Црцороски, Виолета Чакарова и Катерина Чакмакоска.

За сценографијата и костимите е задолжена Јулијана Војкова – Најман, а за музиката ќе се погрижат од групата Фолтин (Бранислав Николов, Пеце Николоски, Гоце Јованоски, Славчо Јовев). Кореограф е Јована Василева. 

Loading