“ЈАЗИЧЕН АГОЛ 2” ОД БЛАГОЈА ИВЧЕСКИ

Промоција на нова книга на  неделникот Зенит

“Јазичен агол 2” од Благоја Ивчески е книгата која в четврток, 24 октомври ќе биде промовирана од 19.30 часот во Библиотеката. Во втората книга, издадена од неделникот Зенит, авторот Ивчески носи на едно место објавени сто нови наслови од текстовите што излегуваат секоја недела во неделникот во рубриката “Јазичен агол”.

Според Јордан Плевнеш, Ивчески е актер заштитник на македонскиот јазик, бидејќи ангелот како поим е еталон на вечноста, а актерот како поим е заштитник на јазикот.

– Ивчески потсетува дека во секоја јазична грешка, може да биде препознаена нашата грижа дека јазикот е наследство, кое го оставаме на идните генерации. Тој со својата мисија шета низ градините на македонскиот јазик и го одстранува плевелот – вели Плевнеш.

За Коле Ангеловски “Јазичниот агол” на Ивчески е духовито и забавно четиво, од кое секој може да научи за македонскиот јазик. 

Ивчески е преокупиран со грижата за чистотата на македонскиот литературен јазик. Соработник е во нашиот весник речиси од почетокот, пишувајќи во јазичното катче. Тој 40 години беше актер во театарот. Двапати е наградуван за актерски остварувања на МТФ “Војдан Чернодрински”. Беше добитник и на наградата за животно дело на фестивалот. Во неговата биографија стои и наградата “Трети Ноември”.

Ивчески е потписник на книгите “Јазичен агол 1” и “Сеќавања до деветтата”, двете во издание на Зенит.

Loading