ПРАЗЕН ВИКЕНД ЗА ЖИТО ПРИЛЕП

Станува здодевно во женскиот ракомет. Цело лето бедни две пријателски беа одиграни, а само што почна првенството во Супер лигата веднаш празен викенд за Жито Прилеп. Актуелниот шампион Вардар СЦБТ не најде термин за гостување во “Сонце”, бидејќи минатата недела беше на турнир во Словенија, во вторникот ремизираше 23-23 на дербито со Металург, вчера и в недела има мечеви во Регионалната лига. Скопјанките се жалат на набиена агенда, а прилепчанките на малку натпревари.

– Чудна ситуација. Барем тест да имаме – вели Пеце Велјаноски, тренерот.

Во 1. коло Жито Прилеп со 29-21 ја победи штипска Кожувчанка, на меч каде, покрај најефикасните Аџулеска со седум, Саздова со шест гола, се покажа новата голманка Белмезова од прволигашот Струма. Високата струмичанка на дебито одбрани 15 удари, проигруваше во контри.

– Малку се плашев за голманките, но, за почеток изданието е мошне добро – смета Велјаноски.

За наредните дуели покрај Белмезова, на располагање се Михајлова, Неделкова, Адамческа и Гичева, петте засилувања за Жито Прилеп.

Loading