ЧУКА ГРАДСКИОТ СААТ

Градскиот саат повторно го означува времето. Секој час се слуша биењето, оти е поправен расипаниот механизам. Со ангажман на Блаже Димоски, со поддршка на градоначалникот Марјан Ристески се погрижи саатчија Димитар Чучуроски.

– Го обновивме механизмот од германско производство иако е стар повеќе од 150 години. Откако го растуривме, делови изработувавме во наши фирми неколку месеци. Имаше период на пробно тестирање, ама сега сé е во ред. Чука и го означува времето. Само биењето е електронско – вели Димитар, кој 50 години е саатчија.

Саатот, кој е душата и срцето на градот, вели градоначалникот Марјан Ристески ќе чука од седум наутро до 22 часот навечер. Ќе има неколку мелодии со кои ќе се означува утрото, пладнето и завршницата.

– Горди сме на Саатот кој е постар од лондонскиот Биг Бен. Претстои уредувањето на околниот простор. Наскоро почнува градбата на плоштадот околу, што ќе биде оригинално решение во ориентален стил, а ќе го гради Крин КГ. До пролет треба да биде готов. Ќе има многу зеленило, перголи, клупи, различни видови растенија, осветлување со економични фенери. Ќе заживее чаршијата и ќе привлекува туристи – вели Ристески, додавајќи дека граѓаните бараат да се постави телескоп.

Заводот и Музеј, со поддршка на Министерството за култура и ЛС го санира навалувањето на Саат кулата која е висока 38 метри. Градбата е финансирана од граѓаните и од чаршискиот еснаф, а го граделе мајсторите Лауцот и Тасламиче. Во основа е шестоаголник, граден со масивни делкани камени блокови, а  на врвот  има  крст.

Loading