МАЛКУ “ПОЌЕ” ВНИМАНИЕ

Пријатно е кога ќе чуеме странец да зборува на македонски јазик. Дури и евентуалните грешки во артикулацијата или во акцентот звучат симпатично. Но, мошне непријатно е кога ќе чуеме странец да зборува македонски со многу грешки за кои тој не е свесен, а така сме го научиле ние.

Неодамна во прилепскиот театар се играше куклена претстава. Автор на сценографијата и изработката на куклите беќе жена од Бугарија. Случајно се запознавме. На улица. Нé запозна еден пријател. Поразговаравме кратко околу подготовката на претставата. Сценографката вели дека сега биле во фаза на интензивни ПРИПРЕМИ. Не издржавме. Ја прашавме од каде го научила зборот ПРИПРЕМИ. Таа вели дека настојува да зборува македонски. Убаво е тоа од нејзина страна. Но, не е убаво што мисли дека зборот ПРИПРЕМИ е македонски. Таа не е виновна. Така ја научиле нашиве “даскали”, зашто и тие не знаат дека македонскиот збор е ПОДГОТОВКИ, а не ПРИПРЕМИ. И укажавме на тоа. Таа се заблагодари и вели дека така го слушала од нејзините соработници во театарот. И тие велеле ПРИПРЕМИ. За жал, тоа е вистина.

Во едно поодминато време, кога фудбалскиот клуб “Победа” од Прилеп беше солидна екипа, продефилуваа и неколку играчи од Бразил. Играа со променлив успех. Некој повеќе, некој помалку. Во тоа време тие научија, колку – толку, да зборуваат македонски.

Во една емисија од тогашната прилепска телевизија гостуваше еден од тие бразилски фудбалери. Емисијата траеше подолго време. Новинарката поставуваше прашања, а фудбалерот одговараше. На македонски јазик. Симпатични беа тие негови напори да зборува македонски. А зборуваше, односно настојуваше да зборува, онака како што го научиле. Во многу нешта и не го разбиравме. Запаметивме една реченица, која уште не сме ја заборавиле и која ни предизвика и смеа и разочарување. Во еден момент Бразилецот вели : “Јас дава гол ПОЌЕ”. Што ли ќе значи ова? Што ли ќе значи зборот ПОЌЕ?  Е, што била работата. Од поширокиот разговор разбравме дека кога би имало подобри соиграчи, тој ќе давал голови ПОВЕЌЕ. Арно ама, во Прилеп луѓето (повеќето) не велат ПОВЕЌЕ, туку ПОЈЌЕ. Дури некои велат и ПОЈЧКУ. При изговорот на прилогот ПОЈЌЕ (појче) артикулацијата е малку специфична. Вокалот О се изговара малку продолжено, а се појавува и определена, таканаречена, јотација, се слуша по малку и гласот Ј. Бразилецот, сосема нормално, не може да ја почувствува таа нијанса и вели – ПОЌЕ. И еве го трагичното. Тој кога ќе појде во својата земја ќе им каже дека тој збор на македонски гласи токму така – ПОЌЕ. А притоа не ќе можат да го разберат ни Македонците ни Бразилците. Ние не си го знаеме убаво нашиот стандарден јазик. Но за ваквите случаи, сепак, потребно е тие луѓе да бидат подучувани од човек што го владее малку подобро јазикот. На таков начин ќе ја спречиме појавата тие луѓе да навлегуваат во вакви карикатурални ситуации.

Како и секоја година и годинава, на Илинден, Крушево станува центар на Македонија. Манифестации, говори, прослави, културно – уметнички програми, многу гости. Го видовме годинава, според нас, најинтересниот гостин. Една новинарка разговара со тој гостин. А тој гостинот – жена од Јапонија. Јапонка. Не í го запаметивме името но презимето и беше македонско. Претпоставуваме дека е мажена за наш човек. За Македонец. Восхит и благодарност предизвикува таа жена. Зборува на прекрасен македонски јазик. Дури тешко може да се препознае дека не е Македонка. Бојата на гласот, артикулацијата – одлична. Браво! Сепак, на крајот стигна и мало разочарување. Зборува гостинката за Крушево, за прекрасниот амбиент и вели дека сето тоа многу и се СВИЃА. Еве го пак лошиот “даскал”. Таа во Јапонија не слушнала и не знае дека зборот СВИЃА не е македонски. Така ја научил некој наш човек кој исто така не знаел дека тоа е српски збор. Зошто не се сетил да и каже дека на македонски не се вели “Ми се СВИЃА”, туку “Ми се ДОПАЃА”? Навистина штета! Прекрасен, силен, впечаток остави таа жена со убавиот македонски јазик.

Има многу вакви примери. Многу странци го учат македонскиот јазик, а ние, Македонците, честопати, погрешно ги учиме.

Треба малку “ПОЌЕ” да внимаваме на ваквите работи. Инаку, ќе се изненадуваме, ако ни рече некој Јапонец дека Македонија му се “СВИЃА”.

Благоја Ивчески

Loading