ЈАС ТИ ВЕЛАМ АНТЕ, А ТИ МИ ВЕЛИШ АНТЕКУРЕЛА (2)

Пишува Даниел Мелвил
– Их, што ќе се грижат баба ми и дедо ми! – почна да се саклдисува Божана.
– Е, вистина, две ноќи да не се вратиш кај нив, ваква убава чупа како тебе, има зашто да се грижат – í реков.
На она “ваква убава чупа како тебе”, Божана се збуни малку и погледот и зашета по нејзината голотија.
Следниот ден ги облековме нашите, уште донекаде влажни, алишта и ајде назад кон Богомила. Бре каков таксират со дождот! Го фативме возот и се договоривме по некој ден да отидеме до Богоројца, то ест манастирот Трескавец.
Сепак нашиот убав проект за екскурзија требаше да почека малку, зашто од студот и влагата, Божана доби зуќам, та требаше да почекаме да í помини. По десеттина дни, еден убав ден, рано наутро тргнавме на пат преку селото Дабница, ама пред тоа девојката ме претстави на своите баба и дедо. Тие ми поставија неколку прашања за чиј сум, од каде сум и така натаму, па гледајќи кој сум и што сум, се успокоија за девојчето и со нивни благослов отидовме на “шетање”. Всушност, двајцата старци се надеваа внуката да си најди сопруг од Македонија и изгледа јас им се сторив добар кандидат, а и освен тоа, девојката беше инаетчија како мазга, та знаеја дека ништо не вреди да í пречат кога нешто сака да направи. По патот í објаснив на Божана:
– Ова е стар римски пат, типично изграден од камење. Веројатно стар е нешто околу две илјади години. Да се надеваме дека оваа реткост нема да биде разграбана и уништена и ќе си остани како интересна туристичка атракција.
– Навистина интересно граден пат, потврди Божана и одеднаш скокна настрана, зашто една змија која се сончала, брутално разбудена почна да се витка, бегајќи. Ама таа емоција тој ден не и беше последната, оти сретнавме уште три змии. Мене не ми се стори нужно да ги тепам со стапот, што не е многу тешко, доста е животното да се удри по средината од телото, и со скршен ‘рбет, змијата е готова.
Продолжив да ја информирам гостинката од Америка:
– Во Прилеп, то ест сегашното село Варош, бил настанет римски воен гарнизон. Тогаш меѓу офицерите во легиите имало извесен број Македонци, некои дури биле и генерали, веројатно со полатинчени имиња и презимиња. Горе кај Трескавец постоел нивни храм, а и тврдина околу Златоврв во која се повлекувале во случај тогашниот Прилеп да бил опколен од голема непријателска војска. На Златоврв тврдината било за тоа време тешко, па дури невозможно да се освои. Некогаш, кога Македонија не била расчеречена меѓу соседните држави, во манастирот оделе многу посетители од целиот Балкан, зашто минувал како место каде луѓето можело да се излекуваат од болести. Калуѓерите поседувале оружје – пиштоли, пушки – кременарки, а и сабји со кои го бранеле манастирот од арамиски банди. Некои од тие оружја и денеска се покажувани на посетителите. Освен тоа, ќе видиш во приземјето надвор прицврстени во ѕидот, обрачи и синџири со кои ги врзувале невестите од блиските села, кога ќе заболеле од психоза.
– Зашто ги врзувале, Јане, не разбирам, тоа ми изгледа многу нечовечно?
– Види, Божано, жени кои страдаат од такви кризи, добиваат голема сила, треба повеќе мажи да ги држат и одвај успеваат да ги додржат. Од каде им дојдува таа сила, не знам. Денеска има лекови за смирување, за лекување, но порано такви средства немало. Синџирите и обрачите уште си стојат на местото и треба да останат за посетителите да ги гледаат како историски предмети.
– А, зошто манастирот се вика Трескавец?
– Е, за тоа има една легенда…
– Ајде раскажи ми ја, ме помоли девојката, и запре, зашто беше малку задишена заради искачувањето по пострмните делови од патот.
– Добро, ќе ти ја раскажам онаква каква што сум ја слушнал од старите во Прилеп. Еден од турските султани кои владееле со Македонија, зел за жена ќерка од некој бугарски владетел и толку ја засакал, што ја направил своја прва, своја главна жена. Еднаш таа посакала да прошета низ царството, та султанот најпосле решил да í ја исполни желбата, ама í дал триста низами да ја вардат. Кога дошле до манастирот Богородица во Македонијава, калуѓерите одбиле да ја примат во кругот на манастирот, затоа што преминала во муслиманска вера. Жената на султанот се налутила и им наредила на војниците да ги истепаат калуѓерите, та низамите сите ги исклале. Од крвта се сторила ламја, која заседнала во црквата и никој жив не пуштала да помини до манастирот. Арно ама, еднаш забеснеела голема бура и гром ја удрил манастирската црква и ја отепал ламјата. И денеска црквата е распукана на едно место заради ударот на ровјата. Дотогаш никој повеќе не одел во манастирот, зашто ламјата јадела сé што ќе минело во близина. По едно време, овчарите од околните планини виделе дека муцките од нивните пци се црвени од крв, та почнале да ги следат да видат што јадат. Така дошле до манастирската црква и виделе дека пците кинеле месо од отепаниот змев. Веста пукнала како бомба насекаде и во манастирот пак се настаниле калуѓери и тој одново заживеал.
Кога стасавме со Божана во Трескавец, ги покажавме писмата со печат од Самарџискиот еснаф од Прилеп, што тогаш го држеше манастирот, та на девојката í се даде соба за да преноќи, а јас спиев на чардакот на конакот. Следниот ден се искачивме на Златоврв, каде на голем железен крст имаше топка од тенеќија (некогаш било “јаболко од злато” и затоа врвот се вика Златоврв). На подножјето имаше остатоци од некакви ѕидови, веројатно од римската тврдина. Ü ја покажав на девојката пукнатината во црквата што, според легендата, била направена од ударот на ровјата што го убила змевот, а потоа крај една мала двокрилна врата во приземјето на југ, и покажав патче што водело до Студено Варило, еден извор со многу студена вода. Понекогаш до тој извор оделе посетители со јадење, шишињата пиво ги клавале во водата, па пикникувале на местото.
На враќање за Прилеп, одевме полека, слегувајќи по змиесто извитканиот римски пат и разговаравме. И велев на Божана:
– Сега во Прилеп ќе те фатат ифтирии.
– Зошто?
– Божем си ми била љубовница, па затоа сами сме биле на Трескаец.
– Што ми е гајле, јас живеам во Америка, а тие во Македонија. Нека дојдат таму, преку Атлантикот, ќе видат дека им е јалнаш работата, а можи и некој и друг ќотек да изедат од татко ми кој е големо мажиште и многу јак човек.
– Богами, Божано, ако е голем како ти, поарно е човек да си нема џенк.
– Џенем да фатиш, ти ме зафркаваш на општо основание! – се насмевна Божана.
Се слизна една седмица и ете ти ја “Американката” ми дојде дома. Седнавме под лозницата во дворот и се зафативме со муабет. Јас зборував не знам за што, а всушност ја гледав и си велев “Господи, каква чупа. Оној што ќе ја земи за жена, ќе има среќа колку е тежок”. А таа одеднаш ми рече со серт тон во гласот:
– Ама ти, Јане, воопшто не ме слушаш што ти велам!
– Шшшто? Повтори, те молам!
– Нема што да повторувам и потретувам. Ти реков дека те сакам, а ти се правиш на балама.
– Кој, јас?!
– Ти, ами кој. Ме гледаш и се кокориш во очите како кокошка што гледа мува и сака да ја колвни! Ти реков дека те сакам, а ти се правиш на три ипол. Јас ти велам анте, а ти ми велиш антекурела.
– Кој, јас?!
Толку се изненадив што ако не седев на столица, ќе паднев на земи. Изгледа во тој момент изразот на моето лице бил таков, што одеднаш, неочекувано, Божана експлодира во незгасливо смеење. Тоа смеење не беше само неугасиво, туку и заразно, такашто по некоја секунда и јас и се придружив и нашиот дует смеење продолжи подолго време.
Сепак, после тоа, кога попот нé венчаваше во црквата, не се смеевме туку се осетувавме бескрајно среќни и ни се чинеше дека сме центар не само на Млечниот Пат, туку и на целата вселена.

(крај)

Loading