КОЈ ВЛЕГУВА ВО ПОБЕДА?

Фудбал: Долга неизвесност со спонзорите

– Големи и средни претпријатија низ кулоарите

Предолга е неизвесноста околу евентуалното доаѓање на спонзори во ФК Победа Јуниор. Цело лето мина и некои веќе се плашат дека од посакуваното нема да излезе ништо, а потрпеливите тврдат дека штом се одолжува, се работи крупен проект, со кој клубот застанува на здрави нозе.

Во меѓувреме врие од шпекулации. Се зборува за преговори со десетина потенцијални спонзори, големи и средни претпријатија. Концептот е на еден наш бизнисмен од странство, доминантно со 51 отсто влог, останатото на општината со повеќе фирми. Заложба е во управата да влезат луѓе со придонес кон фудбалот, организациски и менаџерски квалитети. Нема да бидат изненадување имињата од порано познати на јавноста.

Буџетот, со оглед на второлигашкиот ранг, во првата година поскромен, а понатаму да се зголемува до повеќе стотини илјади евра. За стадионот “Г. Делчев” се зборува дека ќе биде доизграден со големата трибина и подтрибинскиот, деловен простор. Тренерите и играчите, за разлика од сегашната сиромаштија, би добиле услови и награди за постигнатото. Од актуелниот кадар нема никој вреден да биде отфрлен, со оглед на заслугата за опстојот на клубот во најтешкото.

Да почекаме што ќе се случи. Народот вели “дури не видам, не верувам”, оти Седлоски го местеа за спортски директор на Победа, а тој во понеделникот стана тренер на – Турново.

Зојчески мајстор

Дербито од здодевно реми го спаси Зојчески со гол во 80. минута за триумф на Победа над 11 Октомври. Голгетерот влезе од клупата и по 11 минути игра се покажа опасен, со лоб над Гоновски. В недела (16 ч.) Победа засилена со Момироски од Македонија ЃП, Наумчески од 11 Октомври, Талевски од Пелистер и Јанкоски од Металург ја чека Тиверија, а 11 Октомври оди кај Корзо во Скопје.

Loading