ФАМИЛИЈА – СЕМЕЈСТВО

Дали именките ФАМИЛИЈА и СЕМЕЈСТВО имаат исто значење? Да! Значењето им е исто. Или, речиси исто. Оваа резерва е поради тоа што именката фамилија понекогаш се употребува и во преносна смисла, со малку поспецифично значење. Старите некогаш им велеа на ергените: “Ако сакаш да се жениш, барај мома од фамилија”. Што би се рекло, од ДОБРА ФАМИЛИЈА. Придавката ФАМИЛИЈАРЕН исто така може да означува нешто што се однесува на фамилијата (фамилијарни проблеми), но може да има и значење на интимност, блискост. За некои кои имаат близок однос се вели дека имаат ФАМИЛИЈАРЕН однос. А се употребува и во случаи, на пример, кога во некој колектив се вели дека таму постојат ФАМИЛИЈАРНИ односи. Обично се мисли на група луѓе која е блиска со раководството.

Зборот ФАМИЛИЈА има латинско потекло. Кај нас најверојатно е влезен преку грчкиот јазик.

Именката СЕМЕЈСТВО ги нема овие преносни значења. Исто така и придавката СЕМЕЕН. Инаку, именката СЕМЕЈСТВО, најверојатно е навлезена од бугарскиот јазик. А можно е такво влијание да е извршено и од рускиот. Таму именката гласи СЕМЯ.

Како што објаснува Благоја Корубин, по ослободувањето, освен од српскиот јазик, најмногу се преведуваше од рускиот. Тој го посочува преводот на книгата од Енгелс – “Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата”. Вели дека тогаш и се поставило ова прашање како терминолошко и се решило во полза на зборот СЕМЕЈСТВО. Корубин бара некакви корени на овој збор во нашите народни говори, но вели дека не успеал да најде. Го споменува зборот СЕМСЕЛЕ, кој е одбележан во Речникот со ознака како архаичен. Турско му е потеклото. Сега ретко се употребува. И ние лично сме го слушале од постарите, (во Прилеп се велеше СИМСИЛЕ). Зборот СЕМСЕЛЕ (симсиле) значи род, потекло, колено. Во последно време почесто се употребува зборот СЕМЕЈСТВО, отколку ФАМИЛИЈА. Рековме дека придавката СЕМЕЕН не се употребува со оние преносни значења што ги има ФАМИЛИЈАРЕН. СЕМЕЕН, соодветствува на српската придавка ПОРОДИЧАН, а именката СЕМЕЈСТВО кај Србите е ПОРОДИЦА.

Денеска, зборот СЕМЕЈСТВО го употребуваме кога зборуваме за потесна фамилија – маж, жена и деца. Сепак, тој не е ограничен само на тоа значење. Може да се употребува и во поширока смисла, за означување на лица блиски според крвното сродство. Значи, и двата збора – СЕМЕЈСТВО и ФАМИЛИЈА си имаат зафатено цврсто место во нашиот јазик. Повеќе со исто значење, а само понекогаш и со некое поинакво, преносно (кај фамилија и фамилијарен).

А зошто го пишуваме и го расчленуваме сево ова? Сакаме да подвлечеме една нелогичност, да не речеме и апсурдност, што ја слушаме редовно на телевизиите. Безброј пати слушаме, а и читаме како што е напишано на екраните: “Семејството и децата се нашето најголемо богатство”. Зар не е нелогично? Нашето најголемо богатство биле СЕМЕЈСТВОТО и ДЕЦАТА. Па зар децата не се дел од семејството?! Нели рековме дека обично под семејство се подразбира – маж, жена и деца. Но, може и пошироко.

Како и да е, зборот СЕМЕЈСТВО ги содржи сите, и мажот и жената и децата и блиските роднини. Во поракава што ја слушаме како да станува збор за две нешта – СЕМЕЈСТВОТО од една страна и ДЕЦАТА од друга. И така, нашето богатство го претставуваат ем децата, ем семејството. Исто како некој директор да рече дека многу се грижи за колективот и за работниците. А работниците се дел од колективот. Не оди тоа така. Децата се дел од семејството. Можеби можело да се рече дека во семејството најголемото богатство се децата. Всушност, таква е и смислата на пораката, да имаме повеќе деца. Вака како што  ја слушаме излегува дека децата не се дел од семејството, туку нешто посебно.

Не поразмислиле малку поубаво ни нарачателите на текстот, ниту пак оние што го емитуваат. Овде не станува збор за некаква јазична или синтаксичка грешка. Не го знаеме авторот, но овде не му била потребна помош од лекторот. Грешката е од поинаков карактер. Требало само малку да се поразмисли.

Благоја Ивчески

Loading