КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ И МИКРО МЕНАЏМЕНТ НА ПАРАЛЕЛКИТЕ

Марјан Матракоски Советник за образование при ЛС         

Уште пет нови спортски сали во основните училишта

Намалување на границата за ученици во паралелка

Што е сработено за учениците во изминатиов период?

Од сработените капитални проекти би ги истакнал новата спортска сала во СОУ “Ристе Ристески Ричко” од 40 милиони денари. Таа е модерна сала со трибини и може да ја користат и спортски клубови. Во “…Ричко” се промени целосно надворешната столарија за околу осум милиони денари. Придобивките се естетски поубав лик и енергетска ефикасност со ПВЦ дограмата. Капиталните проекти се остварени со Министерството за образование. Почна наставата во новото монтажно училиште во селото Чепигово. За објектот, преку Министерство, беа доделени преку два милиони денари. Во овие проекти Министерството вложи 50 милиони денари. Помага и локалната самоуправа. Одвои средства од буџетот. Така се пушти во употреба и старо – новото училиште во Варош со вложување од два милиони денари. Во ОУ “Климент Охридски”, очекуваме брзо да се сменат вратите и да се обезбеди нова опрема. И тоа е од локални пари. Се поставува нов под со средства од еден милион денари од ЛС во ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”. Почна уредувањето на надворешните скали во ОУ “Гоце Делчев”. Во ОУ “Рампо Левката” се сменува електричната инсталација на првиот кат, а и во Тополчани. Во Големо Коњари се реновираат санитарните јазли и наставничката канцеларија. Сé на сé, ЛС одвои 10 милиони денари за образование, па со средствата од Владата, достигнуваме сума на вложување во образованието од милион евра, само за овој краток период.

Кои се идни проекти со кои се зафаќате?

Се постави камен темелник за спортска сала во ОУ “Добре Јованоски” која ќе биде како во СОУ “Ристе Ристески – Ричко”. Останатите планирани пет се за основните училишта. Ќе бидат по урнекот на таа во СОУ “Ѓорче Петров”. Аплициравме за многу проекти до владата. Еден е промената на дограмата во ОУ “Добре Јованоски”. Очекуваме реализација годинава или на  почетокот на следната. Преку проекти за донации од меѓународни фондови аплициравме за нови парни котли во ОУ “Рампо Левката” и целосно сменување на ликот и внатре и надвор на СОУ “Кузман Јосифоски Питу”. Во населените места, го заокружуваме процесот на реновирање со градбата на монтажни училишта во селата Беровци и Галичани. Нема да има училиште кое не е реновирано или санирано. Помалите проекти, како партерното уредување во ОУ “Блаже Конески” и сега веќе ОУ “Крал Марко”, а И  подрачното на ОУ “Кочо Рацин” на Рид, повеќенаменското игралиште во Гимназијата ги работиме тековно. Очекуваме окончување до октомври. Гимназиското игралиште е интересно и  од комерцијален аспект. Објектот ќе може да се користи од приватни или правни лица со дозвола на училиштето.

Дали кадарот е во тек со промените?

Кадарот постојано се едуцира и е во тек со технологијата. Со екстерното оценување и е-дневникот, проблеми имало и ќе има, но се мали и се решаваат во од без да се нарушува образовниот процес.

Како се снајдувате со намалениот број на првачиња?

Намалениот број на првачиња е подолг тренд. Исклучок беше лани кога имавме 40 ученици повеќе. Постои законска рамка од 24 ученици во паралелка, која порано беше поголема, но успеваме во договор со училиштата да ја намалиме и таа долна граница. Ги намалуваме паралелките да го заштитиме кадарот, односно да ги зачуваат работните места. Бројот на нови средношколци е намален. Како поголема општина можеме да ја менаџираме оваа криза со наталитетот, зашто имаме 11 000 ученици.

Продолжувате со добрата пракса на бесплатен превоз на учениците?

Превозот е како лани. Релациите се од Сточниот пазар до ОУ “Рампо Левката” и од Жабино маало до ОУ “Климент Охридски”. Функционира превозот за средношколците оддалечени повеќе од 2,5 км од училиштето. Таа добробит ја користат 1000 ученици.

Како е распореден интересот за средните училишта?

ЛС успешно ја остварува владината програма за повеќе интерес за техничките училишта. Со промоции успеавме да постигнеме многу. Гимназија има 80 слободни места, за Економско има мал интерес. Од друга страна, за сообраќајната струка и патен сообраќај има доста интерес во СОУ “…Ричко”, спортската гимназија и смерот за компјутерска техника. Во СОУ “Ѓорче Петров” е исполнет смерот за медицински сестри, а хемиското СОУ “Орде Чопела” е интересно за осмоодделенците со струките очен оптичар и геодетски техничар.

Идни проекти?

Приоритет ни се спортските сали, од која една е почната во СОУ “Кузман Јосифоски Питу”, промената на столаријата во Гимназијата и поставување на  централно греење во ОУ “Кире Гаврилоски” до крајот на годинава. Економското училиште аплицира со партнери од Грција за грант од 200 000 евра за реновирање на стариот објект на старата железничка станица. Со тоа ќе се реши и тесниот скаличен простор. Другите проекти се од помал обем. ОУ “Кочо Рацин” е специфично затоа што како споменик на културата, покрај промената на дограмата, треба да се зачува автентичниот лик со дрвена дограма, и внатрешниот скаличен простор. Таму ќе се реновира спортската сала.  

Loading