БАМБИ И РАМПО НА МОГИЛА

Мини – зоолошката градина кај паркот на Револуцијата не престанува да ги изненадува и радува граѓаните, посебно децата, со нови животни. Стигнуваат од сите страни. Осумгодишниот елен, дониран од битолската зоолошка, веќе се привикнува на новото прилепско име Рампо, кое му го смениле вработените од Комуналец од битолското – Димко. Друштво од неодамна му прави и малото машко срнче, кое го викаат Бамби. За да биде како во цртаниот филм на Дизни, другарче на Бамби му е и едно зајаче, кое постојано тропка со ножињата.

Бамби, со три месеци, е доведено во градината преку ловното друштво Мукос, кои пак го нашле некаде во Тиквешијата.

Комуналец предвидува да направи поголем ограден плац за да се гледаат четирите пони коњчиња, еленот и срнчето, двете лами, зајачето на едно место. Дознаваме дека на Могилата се очекуваат да се населат и големи муфлони.

Вработените во малата ЗОО градина велат дека и еленот и срнчето брзо се адаптирале на прилепската ава и на прилепчани. Бамби било срамежливо првите денови. Сега се одомаќини и позира како манекен со љубопитните деца, кои не можат да одолеат да не го погалат по кафеавото крзно со бели точки. Тоа си брсти ливчиња и редовно се храни со млеко со потребните додатоци. Еленот Рампо, ова време ја лупи кожата од роговите и не е многу мераклија за друштво. Му смета недоскинатата кожа, па си лежи во куќичката. 

Старо и младо, и на изгор жештини секојден одат до Могила да ги видат питомите животни и да ги помилуваат, зашто за нив досега читале и гледале само од сликовници и од цртани филмови.  

Loading