ПОИСКУСНИ СО ГИЧЕВА И АДАМЧЕСКА

РАКОМЕТ: ЖИТО ПРИЛЕП СТАРТУВАШЕ СО ПОДГОТОВКИТЕ

ДОЈДОА УШТЕ ЗАФИРОВА И НЕДЕЛКОВА, А ЗАМИНАА ШЕСТ

Промени во женскиот суперлигаш Жито Прилеп. На подготовките, кои траат осми ден, меѓу 20 ракометарки се четири нови, а во фокусот искусните бекови Мери Гичева и Мери Адамческа, докажани во странство. Првата играше во Романија и Косово, втората во Грција и извесно дека надминат е ланскиот проблем – сертификат, да почне навреме сезоната.  Прва на прозивката во “Арена Сонце” се појави Гичева и тренерот Борче Марковски не го криеше задоволството.

– Во ракометот успеваат само играчи со срце, а таква е Гичева. Ја тренирав пред шест – седум години во Пелистер, кога се надминавме со триумф над Еуростандард. Младите нека го следат примерот – порача Марковски.

Претставени беа десното крило Андреана Неделкова и голманката Ивана Зафирова. Младата велешанка Неделкова од Металург Скопје има настапи за младинските државни селекции. Предизвик í е новото првенство, за исчекор во кариерата. Искусната скопјанка Зафирова доаѓа од шампионот Вардар, а претходно настапувала за Гевгелија и Олимпик. Замена е за Наумоска, замината во Грција.

– Нова сезона со стари амбиции, за место меѓу трите најдобри, покрај Вардар и Металург. Добро е да изненадиме со фаворитите барем дома. Летово максимално ќе се подготвиме со меѓународни тестови – најави Марковски.

Клубот приклучи шест младинки, а се раздели со Дурланова и Петлеска кон Скопје, Мркиќ на пат за Грција, Стојановиќ во Франција и Бошковска во Австралија.

БЕЗ ФЕЈСБУК

На првиот собир беше заложбата за подигање на професионалното ниво. Нема да се толерира неоправдано доцнење од современото денгубење – фејсбукот.

– Заглавив на фејсбук, да нема веќе таков изговор – порача стратегот.

Loading