СИНИ СНЕГОВИ (8)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Мајка í зачудено ја погледна.

– Ема, вечерата само што почна! Има некаков проблем?

Ема одмавна со главата, силно гушкајќи ја и плачејќи замина не поздравувајќи се со никого. Во својот стан стигна облеана со солзи и  разочарана. Не можеше да сфати што бара Никола во нивниот дом. Уште повеќе ја мачеше помислата што тој воопшто не се срамеше од своето присуство. Ги направи на очи будали. Пред очите и беше тој, онака висок и широк како планина. Изгледаше неверојатно привлечно во долгиот зимски мантил што го носеше. Темниот тен уште повеќе му ги истакнуваше сините очи. Вечева во нив немаше мраз. Беа чудни, мирни полни со нешто од кое Ема ужасно се плашеше. Веројатно никој не знаеше за аферата со нејзината баба. Утре морам да им кажам на моите, помисли Ема.

Ја разбуди сонцето кое со  своите први  зраци  ја галеше по нејзиното лице. Му се израдува, надевајќи се дека снегот нема пак да í го украде денот. Утринското задоволство траеше многу кратко. По сонцето и снегот, во мислите стигна Никола. Мразеше што разумот í говореше едно, а нејзиното срце друго. Знаеше дека мора да го “открие”, а, од друга страна, толку многу го сакаше. Реши битка да биде во нејзина корист. Иако беше рано, замина во домот на родителите. Отклучи сама, не ѕвонејќи, евентуално да не спијат. Во куќата беше тивко. Си свари кафе и седна да ги чека да станат.

– Можам ли јас да добијам кафе? – од зад грб го слушна добро познатиот глас.        Морници í поминаа по телото…

– Што бараш ти уште тука? – низ заби прошепоти Ема, вртејќи се кон него.

– Ако синоќа не забележа, да ти кажам дека сум добредојден гостин во оваа куќа. Впрочем, беше толку глупава што не остана да слушнеш, зошто сум поканет – подбивно и врати Никола.

– Ти си манијак и се лажеш дека ќе дозволам да им се подбиваш на моите?!

Никола божем вчудоневиден:

– Јас, манијак…

– Продавај му ја твојата наивност некому што не те знае, не мене. Доволно знам за тебе !

– Навистина…, можам да претпоставам…, знаеш какви шортсеви носам, знаеш како бакнувам, знаеш…

Ема, не размислувајќи ни миг, му го истури кафето врз пижамите.

 – Сигурен сум дека знаеш, оти ова ме “пали”- í рече студено, грабејќи ја во своја прегратка.

– Ти си манијак. Луд си.

 Ема одвај успеваше да биде тивка. Се бранеше безуспешно. Рацете на Никола беа силни, а телото, како магнет, í се привлекуваше кон него.

– Пушти ме или ќе викам – полугласно викаше Ема.

Никола како да уживаше. Ја предизвикуваше да се бори, давајќи и надеж дека можеби ќе успее да се извлече од прегратката. Сценариото беше исто, само што Ема и овојпат не успеа да го предвиди. Дека ова í се случува по вторпат, í стана јасно кога неговите усни ги допреа нејзините. Беше тоа страсен бакнеж, кој  í ги покрена сите сетила. Во Ема како да надојде прилив. Толку го мразеше, а посакуваше неговиот бакнеж да не престане. Ги отвори очите да му го сретне погледот. Беа тоа најсините очи што ги видела. Сјаеа чудно. Се бакнуваа додека не им снема здив. Овојпат Ема не побегна, кога почувствува како се олабавува  прегратката. Стоеше припиена со рацете околу вратот. Никола, молкум, í ја галеше косата. Кога погледите им се вкрстија како да  се запали оган. Беше тоа миг за вечност.

– Одамна не сум се чувствувал вака – í рече, не испуштајќи ја од прегратка.

– Сигурно најмалку две -три години – го праша Ема, гледајќи го право во очите.

Никола зачудено ја погледна.

– Би сакала да знам која подобро се бакнува јас или баба ми?! – пакосно му прошепоти Ема.

Почувствува како се стресе неговото тело. Очите му потемнаа. Неговите езера замрзнаа истовремено толку жестоко, распукувајќи што Ема се исплаши. Никола  луто ја турна од себе. Изгледаше како бесен рис.

– Вистината некогаш боли… Мислеше дека не знам – цинично му се обрати, провокативно стоејќи пред него.  

Без ниту еден збор, Никола се сврти и замина. Слушна како заминува. Веќе се каеше за она што го стори. Ема знаеше дека овојпат го загуби засекогаш. Веќе немаше желба да го “накаже” на нејзините. Си замина и таа.

Скиташе низ улиците, обидувајќи се да го заборави, да го избрише од  сеќавањето, од нејзинот живот. Знаеше дека овојпат тоа ќе биде навистина тешко. Стигна дома премалена од одење. Врз себе го чувствуваше неговиот мирис, а тоа ја доведуваше до лудило. Се истушира. Како да сакаше со водата од себе да ја отстрани, и болката, и љубовта, и презирот, и омразата, што ги чувствуваше. Остатокот од денот го мина мошне лошо расположена.

Ја разбуди продорниот звук на ѕвончето. Некој како да “легнал” на нејзината влезна врата. Беше заспала í не беше сигурна дали преспала цел еден ден или во тежок сон и минало речиси цело попладне. Сонливо со страшна главоболка и мачнина што ја чувствуваше во душата ја отвори вратата.

– Се обидувам цело попладне да те добијам! Што не ми помина низ главата, а ти спиеш? – ја прекори мајка í влегувајќи во станот на Ема.

– Прости, сум заспала – неволно Ема í одговори одејќи по неа.

– Беше утрово кај нас – испитувачки ја праша мајка í. Ема само климна со главата .

– Сакаш кафе?

– Сакам да знам што се случува со тебе?! Зошто синоќа си замина… Имаш проблем и мораме да го решиме…

Ема, се обиде да ја разувери насилно смеејќи се.

– Од каде таква идеја? – ја праша и практично побегна во кујната да вари кафе.

Мајка í беше упорна. Отиде по неа, не давајќи í време да смисли некаков изговор со кој би ја “измазнила” работата.

– Од кога се врати од планините, ти се промени. Верувам таму и не беше токлу студено, па мозокот да ти замрзнал. А веќе не ти верувам дека неколкуте дена си ги поминала сама?!

– Поим немам што зборуваш?- Ема беше упорна

– Ема, не сакам да се расправаме. Сакам да знам во што е работата!

– Работата е во ништо, а ако е и нешто тоа си е мој проблем.

– Значи во право сум, имаме проблем..

– Немаме проблем…

– Добро ти имаш проблем !

– Јас ќе си го решам… Задоволна?

– Не мораш да се дереш на мене.

– Не се дерам, само ми е се прекуглава. Кај најде денес да го решаваш мојот проблем.

(продолжува)

Loading