ЈОХАНЕ ЗДРАВО!

ДО, ДОКТОР ЈОХАН ЃОРЃИОСКИ.

Необично обраќање, нели? Но, ако. Добронамерно е. Како што се искрени, добронамерни и советодавни твоите написи во “Зенит”. Ги читам. Навистина се добронамерни. И стручни. Ти си доктор, психијатар. Тука не можам да се топорам.

Мојата тема се знае – јазикот. Нашиот јазик македонски. Спомнуваш на едно место и предлагаш – “Да им објавиме беспоштедна борба на сите наши лоши навики”. Ако го сметаш за лоша навика и бербатењето на македонскиот јазик, тогаш мене ме имаш во првите редови на беспоштедната борба. Честопати се служиш со цитати од некои мисли на умни луѓе. Еве и јас ќе се обидам така. Чехов, генијалниот руски драматург, вели:

“Кај човекот се треба да биде прекрасно: и лицето, и облеката, и душата, и мислите”.

Па според тоа, и говорот и јазикот, зар не? Ајде, тогаш, Јохане да им објавиме војна на оние што го нагрдуваат нашиот јазик. На оние, кои се должни да го знаат македонскиот јазик – новинари, актери, просветни работници, политичари и сите други јавни работници. Тие се редовно присутни во нашите домови (преку малите екрани), а нивните јазични недоследности не се доброваат. Обичниот човек им верува и го прифаќа тоа што го слуша. Не може секој човек да го носи речникот в џеб и да проверува што е точно, а што не е. А се знае дека секоја грешка, ако се повторува повеќепати, луѓето ја прифаќаат како вистина. Не само обичните луѓе. И интелектуалците, и оние што сакаат да зборуваат со чист јазик. И тие честопати се подведуваат по грешките што ги слушаат.

Ти, Јохане, на едно место го цитираш Буда кој вели:

“Довербата во помош однадвор, донесува несигурност и страв – довербата во самиот себе, создава снага и донесува радост”. Не, погрешно е тоа. Довербата во самиот себе донесува СИЛА, а не СНАГА. Нашиве луѓе, поведувајќи се по српскиот јазик, па зборот СНАГА, со поистоветуваат со СИЛА. Не! СНАГА е тело, човечко, а не СИЛА. СНАГА има секој. Безволните, мрзеливите, слабоумните, дембелите, може да имаат дури и поголема СНАГА, но тоа не значи дека имаат и СИЛА (физичка или психичка).

Ти најдов и една друга мана. Без да бидеш свесен, еден погрешен збор, натрапник, влегол во твојот речник. И не само во твојот. Велиш – “Добро е наутро да се будиме со поголема одважност”. Зборот ОДВАЖЕН (одважност, одважување ) го нема во нашиот јазик. И не ни е потребен. Ако го има, тоа може да се добие по чисто теориски пат и со поинакво значење. Ако некој бил ВАЖЕН, па се ОДВАЖИЛ, престанал да биде важен. Како некој што бил ЖЕНЕТ, па се ОДЖЕНИЛ. Ретки се таквите зборови и затоа, ОДВАЖЕН во нашиот јазик не значи, речиси, ништо. Затоа, добро е ако се будиме наутро ХРАБРИ, СМЕЛИ, РЕШИТЕЛНИ, а никако – ОДВАЖНИ. За жал, овој збор го слушаме од многу места. Новинарот Чомовски, речиси да нема емисија, а да не рече дека некој се ОДВАЖИЛ за нешто. На многу седници во Парламентот слушаме дека некој се ОДВАЖИЛ или дека од некого се бара да се ОДВАЖИ и да каже односно да признае нешто. Таа грешка се калеми кај мнозина што слушаат и така грешката станува норма. И кај тебе фатил калемот. Открши го ластарот. Туѓ е.

И конструкциите: “Било кој”, “Било кога”, “Било каде”, ни се накалемени од српскиот јазик. Обратно е кај нас – “Кој било”, “Кога било”, “Каде било” итн. Прво прашалниот збор, потоа глаголот.

Ги употребуваш зборовите СПРЕМНИ (спремност) и ОГОВАРАЊЕ. И двата збора се одбележани во Речникот, но и во двата случаја се укажува на литературната норма. Значи, нормата не е СПРЕМНИ, туку ГОТОВИ, а СПРЕМНОСТ би било ГОТОВНОСТ. Глаголската именка ОГОВАРАЊЕ рековме дека ја има во Речникот но се упатува на литературната норма – ОЗБОРУВАЊЕ.

Повторувам уште еднаш дека начинов на кој ти се обраќам е невообичаен. Да ти кажам право, долго време се колебав, се чипчев, дали да го напишам ова. Но, ете, фактот, што ми се наметна потребата да ти се обраќам на ТИ (не можам да си објаснам зошто) како да ми зборува дека нема да бидам погрешно разбран.    Благодарам, ако е така!

Нели кај човекот сé треба да биде прекрасно? Па и јазикот, зар не?

Благоја Ивчески

Loading