ПОБЕДА НАПЛАЌА СКОПСКИ ДОЛГ

ФУДБАЛ: В САБОТА (18 Ч.) ВТОРОЛИГАШКИ СТАРТ

– ГОСТИНОТ СКОПЈЕ ДВЕ ГОДИНИ НЕПОРАЗЕН ВО ПРИЛЕП

Бедното лето, без ниеден пријаталски меч, завршува утре (18 ч.) со стартот на сезоната од Втората лига, со дуелот Победа – Скопје. Победа оди на трета – среќа, во третата година во овој ранг, откако лани беше само седма. Амбициите се утврдени – Прва лига. Но тоа се желби, оти на теренот се гледа силата. Вербата е во засилувањата со  некогашните соиграчи, Мегленски од Пелистер, Ацески од Напредок и Гешоски од Корзо. Тренерот Златко Петрески располага уште со неколку нови проверени на шесте контроли: голманот Ристевски и за врска Мустафов од Пелистер, полушпицот Карчески од Корзо, бекот Андреевски од Млекар, наспроти двајца заминати, голманот Апостоловски во Пелистер и стоперот Милошески во Силекс.

Гостинот Скопје е за респект, оти на ланскиот пласман во баражот, загуби 1-0 од Пелистер. Скопје е должник две години, лани, кога ги зеде трите бода,со триумф од 0-1 во Прилеп и пролетоска со реми 1-1. Се смета дека е добро што во првото коло падна силен ривал за мотивација и привлекување на навивачи.

Вториот претставник, 11 Октомври, воден од Круме Митрикески – Сашо Спиркоски, гостува на Маџари.

ФАЛШ ТЕРЕН

Срамота. Теренот од Градски нема виза од ФФМ за првенствени мечеви, поради нерамнините. Од Федерацијата овозможиле санирање до 15 септември. Доколку не се преземат мерки, ќе се бара алтернатива. Ни највозрасните не паметат дека некогаш немало ниеден прописен терен во Прилеп.

Loading