“АПСТРАКТНИ ВАРИЈАЦИИ” ОД УЗУНОСКИ

“Апстрактни варијации ” е тематската изложба на 30 фотографии од Илија Узуноски, која е отворена од синоќа во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”. Уметникот, кој живее и работи во Австралија првпат се претставува во Прилеп.

Тој ги финализира активносите за печатење на книгата “Македонска уметност во Сиднеј преку портрети”. Ќе се публикуаат уметнички портрети на Македонци кои живеат и творат на австралиските простори од различни области на уметноста – сликари, музичари, скулптори, писатели, модни креатори. Работи и на подготовката на делото “Sound of Sydney in Portraits” со портрети на познати музичари од областа на класиката, композитори, диригенти, оперски пејачи, инструменталисти…

Узуноски дипломирал на Машинскиот факултет во Скопје, а апсолвирал на постдипломски студии на Градежиот факултет. Пред да замине за Австралија бил главен проектант во проектантско биро во Битола. Во 1987 емигрирал во Сиднеј каде завршил колеџ за фина уметност, група фотографија. Подоцна магистрирал на скулптура и на ликовна уметност. Тој е единствен член од Македонија на мултикултурната група на уметници “Сé за Вас” во Сиднеј.

Имал повеќе самостојни и групни изложби во Австралија,  Битола, Велика Британија, Њујорк,  Северна Кореа, САД, Русија, Кина. Добитник е повеќе награди за фотографија.

Loading