ЖИЧЕНИ ИНСТРУМЕНТИ, НЕ ЖИЧАНИ

Ни падна в раце информацијата за упис на студенти во нашите факултети. Случајно ја отворивме страницата на која пишува Универзитет “Гоце Делчев” –  Штип. Ајде, си рековме, да разгледаме какви факултети има таму, колку студенти ќе можат да се запишат и под какви услови. На Факултетот за музичка уметност видовме дека постои Катедра за жичани инструменти. Ја забележавме придавката ЖИЧАНИ. На ваква институција не смее да и се случи ваква грешка. Ако не е ова само, евентуално, печатна грешка, значи дека студентите кои ќе студираат таму, инструментот на кој ќе свират ќе си го викаат ЖИЧАН, а таму се набележани – виолина, виолончело, виола и контрабас. Повеќе веруваме дека не станува збор за печатна грешка, туку за погрешна употреба на придавката ЖИЧЕН (жичени). Токму така! Треба ЖИЧЕН (жичени), а не ЖИЧАН (жичани). Наставката во нашиот јазик гласи ЕН, а не АН. Еве неколку примери: земја – ЗЕМЈЕН (не земјан), кожа – КОЖЕН, непца – НЕПЧЕН (не непчан), конец – КОНЧЕН (не кончан). Кај обичните луѓе оваа грешка е мошне честа. Сме слушале кога бара некој да купи чорапи, ама не сака да бидат перлон, туку КОНЧАНИ. Се разбира, треба КОНЧЕНИ. За придавките во нашиот јазик и за нивните наставки може да се пишува многу. Овојпат, нема да навлегуваме во таква широчина. Сакаме само уште еднаш да подвлечеме дека на таква институција каква што е Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип, не смее да í се случи ваква грешка. Не само тоа што студентите ќе го научат погрешно името на својот инструмент, туку грешката ќе ја шират и понатаму. Некои од нив ќе бидат и музички педагози и погрешно ќе ги учат своите ученици или студенти.

Вакви грешки (неодговорности) среќаваме многу често и на многу места. Пред некое време гледавме фудбалски натпревар помеѓу Италија и Бразил. Во еден момент италијанскиот фудбалер Балотели не успеа да постигне гол од поволна позиција. Коментаторот вели: “Балотели не успеа, зашто одбранбениот играч ја ИСПУЦА топката”. Ја слушаме оваа грешка и од нашиве деца. И тие, без да знаат, наместо да велат шутирање,  велат, ПУЦАЊЕ. Коментаторот треба да го знае тоа. Српскиот глагол ПУЦАТИ, значи ПУКА (пукање), со пушка или со некое друго оружје. Во преносна смисла се користи и во вакви случаи за фудбалер кој БИЕ или ШУТИРА. Србите го користат и тој глагол – ПУЦА. Во нашиот јазик не може така. Кај нас глаголот ПУКА не развил такво значење. Ние не можеме да речеме дека фудбалерот ПУКАШЕ. Но велиме дека ШУТИРАШЕ, БИЕШЕ, СТРЕЛАШЕ. Затоа, одбранбениот играч, пред Балотели, можел да ја ИЗБИЕ топката, а не да ја ИСПУЦА.

Нашиве спортски коментатори прават една друга грешка, онака потамина, без да размислуваат. Колкупати сме слушнале коментаторот да вели дека голманот ја СОБРАЛ таа топка. Голманот може да ја ФАТИ, да ја ПРИФАТИ, да ја ПРИБЕРЕ, но не може да ја СОБЕРЕ топката. Глаголот СОБЕРЕ може да се употреби кога се повеќе, многу, предмети, а не еден. Тој се употребува и во една поинаква смисла. Ќе речеме дека на плоштадот се СОБРАА многу луѓе. Ако дошол само еден човек, нема да речеме дека се СОБРА еден човек. Да не набројуваме други примери. Нелогичноста што ја употребуваат коментаторите е очевидна. Се собираат многу топки, многу предмети, а не еден.

Следевме седница на една парламентарна комисија. Еден политичар се нашол навреден од нечие излагање. Бара збор и доста револтирано го демантира претходното излагање. Вели дека сето тоа не било точно. Дека непотребно и неаргументирано бил напаѓан и навредуван. Во еден момент вели: “Не можете да не ставите на СТУБОТ на срамот”. Ќе мислевме дека случајна е грешката со употреба на зборот СТУБ, но тој го повтори тоа повеќепати. Значи, така мисли. А се знае дека македонскиот збор е СТОЛБ, а не СТУБ како што е КОЛК, а не КУК и како што е ВОЛК, а не ВУК и така натаму. Истиот човек вели: “Законите ги УСВАЈАМЕ”.

Ете, човекот не ги УСВОИЛ доволно граматичките правила. Во Македонија законите се УСВОЈУВААТ, а не УСВАЈААТ.

Благоја Ивчески

Loading