СИЛНИ ГЕРМАНКИ ВО АРЕНА “СОНЦЕ”

РАКОМЕТ: ЖИТО ПРИЛЕП – ГЕПИНГЕН

– БУНДЕСЛИГАШОТ ИМА ЕВРОПСКО ФИНАЛЕ ВО КУПОТ ЧЕЛЕНЏ

Очекувана ждрепка за силен ривал на женскиот ракометен тим од Жито Прилеп, во 3. коло од европскиот ЕХФ куп. Противник е реномираниот германски бундеслигаш Гепинген. Првиот меч се игра во салата “Сонце” на 9 или 10 ноември, реваншот недела подоцна на гости. Кога веќе падна силна екипа, добро е што се оствари и желбата да биде од водечка спортска нација. Промоцијата во германската јавност е одлично исплатлива при вложувањата за настап на европската сцена.

Гепинген може да се пофали со финале во Челенџ купот, во сезоната 2009/10, кога беше совладан двапати од германскиот Бухтехудер. Во сезоната 2010/11 стигна до 3. коло од ЕХФ. Во домашната лига, меѓу 12 клуба, претходната сезона ја заврши на 6. место, со 26 бода. Во играчкиот кадар, собрани се пет нации. Осум домашни се засилени со по две Чехинки и Швајцарки, по една Босанка и Австријка. Највозрасна, со 29 години, е Чехинката, голманот, Војтишкова.

Клубот објави дека не може да патуваат директно со авион, туку 130 километри од Скопје кон Прилеп.

– Сакавме покусо патување, но долгото е поинтересно – смета тренерот, Босанецот Александар Кнежевиќ.

Позитива

Жито Прилеп го очекува 18. меч на евро-сцената. Досега билансот за четири сезони е позитивен: девет победи и осум порази. Во купот Челенџ има две победи и три пораза, во КПК седум победи и пет пораза.

Дебито беше 2009 година со висок триумф над ирската Астра.

Вести од Матилда

Полезни се контактите со прилепчанките во Германија, Андријана и Матилда Атанасоски. Особено Матилда има што да информира, членка на деветтопласираниот бундеслигаш Вулкан. Лани играше против Гепинген, на гости 20-30, дома 23-26.

– Преку сестрите очекуваме снимки од првенството кое стартува на 31 август. Добро е што прво сме домаќини, за атмосфера и достоен отпор на фаворитот – вели Борче Марковски, тренерот.

Loading