Лето без лубеници, не го бидува. Кој ли може да одолее на блага, ледена, медена резанка лубеница во пеколен ден! Нема ништо подобро да ја згасне жедта од лубеницата! А кога треба да се избира најблагата меѓу многуте кои се “смеат” од камионот, треба да си вистински мајстор. А ако не знаеш, тргни од онаа старата: мало – ако било арно ќе пораснело, а колку поголема – толку повкусна! Згора на сето, лубеницата е неверојатно добра за здравјето и организмот! Ем помага за тенчење, ем е антиоксиданс, го одржува здравјето на срцето, содржи витамини, кои се добри за имунитетот, за очите, мозокот, а некои медицински истражувања трвдат дека лубеницата делува исто како виаграта.
Голем е изборот на лубеници во камионите кои се “насукале” во близина на рампата кај железничката станица. Продавачите на големо, го искористиле тампонираниот празен паркинг и се распослале дури и со се жени и деца. Иако ЈП Пазари како простор за продажба на големо го определи делот од терминалот или поранешниот сточен пазар, се чини локацијата крај пругата е подобра за летен бизнис.
Покрај лубениците и дињите, продаваат домати, краставици, пиперки и компири на вреќа.