СИНИ СНЕГОВИ (5)

СО ЦЕЛ ДА ЈА РАЗБИЕМЕ ЛЕТНАТА МОНОТОНИЈА, НО И ДА ПОТТИКНЕМЕ ЕМОЦИИ ДА ОБЈАВУВАМЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА ОД НОВЕЛАТА СИНИ СНЕГОВИ ОД АВТОРОТ НАТАША МИРЧЕСКА.

Конечно Никола беше пред вратата. Не се обиде да тропне. Отклучи со неговиот клуч и влезе. Не реагираше никако на нејзиното присуство во собата.

– Добро си – повеќе констатира, отколку што ја праша, соблекувајќи ја бундата од себе. Ема се правеше како да не го чу. Неговата рамнодушност ја тераше да се чувствува како виновно дете.

– Сакаш чај? – се обиде Никола уште еднаш.

Ема бесно го погледна, не изговарајќи ни збор. Никола ги крена рамениците, во знак на согласност. Се однесуваше како да е дел од инвентарот во собата. Си свари чај, си направи вечера, притоа однесувајќи се како да е сосема сам. Ема не можеше повеќе да издржи. Внимателно ја следеше секоја негова постапка, се увери уште еднаш дека сепак тој е вистинскиот “газда”. Беше премногу кога сфати дека тој веќе е легнат да спие во спалната. Бесно стана и без двоумење влезе, викајќи му на цел глас:

– Ако мислиш дека уште ќе го трпам твоето непожелно присуство овде, си се излагал. Не ми е јасно, а и не сакам да знам, откога живееш овде?! Куќата е моја. Ова како информација, ако не знаеше. А, ако досега си бил нејзин газда, од сега не си… Твојата “златна кокошка” ја нема повеќе. Зарем не си забележал! Не си помислил дека си непожелен повеќе?! Лутината на Ема уште повеќе се разгоре, гледајќи го како со потсмев во очите се намести на перницата, очекувајќи претставата да продолжи. Беше зацрвенета во образите, а косата нон-стоп í паѓаше пред очите, така што мораше да ја трга. Никола без никаков коментар упорно гледаше во неа.

Ема чувствуваше како неговиот кристален поглед продира во неа, притоа претворајќи ја во несигурност нејзината лутина. Не дозволи да ја прелаже на прво. Избри до десет во себе, па продолжи малку посмирено:

– Не ми е јасно што сакаш од мене?

– Ништо.

– Тогаш зошто си тука, во мојот кревет?

– Пред малку рече дека тоа не те интересира… Креветов е доволен и за двајцата – í рече, гледајќи ја право во очите.

Ема го избегна неговиот поглед. И доаѓаше да го задави.

– Обично спијам сама.

– Тоа е очигледно. Верувам, промената добро би ти дошла – í рече, покажувајќи í на празното место до себе.

Ја отвори покривката, откривајќи го своето полуголо тело кое ја влечеше како магнет. Настана тишина за миг. Ема ја губеше контролата врз себе. Можеби  ќе потрчаше во неговите прегратки, ако во неговите очи не го гледаше презирот и победата. Бесно ја дофати пепеларата што стоеше на наткасната и силно ја фрли, не гледајќи каде. Не знаеше што се случи. Слушна како се крши. Врз себе ги почувствува неговите раце. Силно ја стегна над лактите и ја притисна до ѕидот, го чувствуваше неговото тело врз себе. Жестоко се противеше да му се отргне од рацете. Беше немоќна. Изгледаше како гранка која се губи во крошната. За цела глава беше повисок од неа. Широките рамена í го криеа видикот. Мораше да го сретне неговиот поглед. Неговите сини води како да ги параа грмотевици. Никола со едната рака í ги стегна двете раце, а со другата грубо ја подигна и ја стави на креветот. Ема почна да вреска. Не ја замолчи, зашто и онака немаше кој да ја слушне. Се обиде да го касне. На тоа, тој само уште повеќе ја припи кон себе и силно своите усни ги спушти на нејзините. Преплашено бараше начин да му побегне. Кога почувствува дека рацете полека í ги олабавува, сфати дека í таа го бакнува. Нејзиното тело не го слушаше нејзиниот мозок. Наместо да му побегне, се припи уште повеќе, прегрнувајќи го неговото убаво тело со своите раце. Се бакнуваа диво, како да се најстрасните љубовници на светот. Нејзиното тело како сомот се лизгаше низ неговите раце кои ја милуваа. Дишењето им стануваше се позабрзано. Слушна како го шепоти нејзиното име. Повторно ги побара неговите усни, дозволувајќи му да í ја соблече тренерката. Кога ја почувствува неговата мека кожа врз своите гради, крикна. Никола силно ја фати за коса, лицето полека  í го приближуваше до своите усни. Знаеше дека ја гледа. За миг застана. Ема ги отвори очите. Со погледот, го молеше да ја сака…

– Јасно ти е кој е газда… – í рече подбивно.

Ема слушна како пепелникот се крши. Остана само како сол здробениот кристал, кој се залепи за нејзината душа. И надојдоа солзи. Се чувствуваше понижена, усрамена… Како ништо да не било, Никола се тргна од неа.

– Викни ме, ако ти требам – í рече, излегувајќи од спалната соба.

(продолжува)

Loading