ЗАР Е МОЖНО ?!

Досега сме објавиле повеќе од 200 написи во “Зенит”. Ниту еден од нив не е напишан со ваков револт, со ваков гнев, со ваква разочараност. Има грешки кои можат да “поминат”. Има грешки кои можат да се поправат. Но, има грешки кои заслужуваат и санкции. Строги санкции. Грешки, што ги прават луѓе кои се платени. Претпоставуваме, убаво платени, да се грижат за чистотата на јазикот. На нашиот јазик. На македонскиот јазик. Нели се колнеме дека јазикот и идентитетот не ги даваме. Но, многу клетви и од многу луѓе се даваат напразно. Да преминеме на темата.

Имавме потреба да појдеме кај директорот на Градската библиотека “Борка Талески”. Љубезен разговор. Во еден момент директорот ја напушти канцеларијата да побара една книга која ни беше потребна нам. Останавме сам. Разгледувајќи го амбиентот во просторијата, ни падна в очи еден предмет на бирото. Се почувствувавме необично тегобтно и разочарувачки. Тој предмет беше плакета, ТРЕТОНОЕМВРИСКА награда, која ја добила Библиотеката од страна на Општина – Прилеп, во 2010 година. На тој предмет, убаво естетски обликуван, пишува – ТРЕТО  НОЕМВРИСКА награда. Зар е можно?! Срамота! Грешка што не смее да се прости. Зборот ТРЕТОНОЕМВРИСКА е сложена придавка и се пишува слеано. Тоа е еден збор. Како што е еден збор НОВОГОДИШЕН, ПРВОМАЈСКИ и така натаму. Кој би напишал НОВО  ГОДИШНИ празници или ПРВО МАЈСКИ празници. Така не би напишале и полуписмени луѓе. Нека имаат предвид полуписмените дека и тој збор се пишува слеано – ПОЛУПИСМЕНИ, а не ПОЛУ ПИСМЕНИ. Исто како што треба ТРЕТОНОЕМВРИСКА, а не ТРЕТО НОЕМВРИСКА. Кој е тој или кои се тие што си земаат слобода да ја компромитираат Општината на ваков начин? Ваквите награди луѓето ги добиваат еднаш во животот, а институциите еднаш во своето постоење. Секој сака таквата награда да биде поставена на видно место, за секого тоа претставува гордост. Но, за некои луѓе тоа претставува неизбришлив срам. За тоа, како ќе биде осмислен текстот на плакетите сигурно постојат служби, компетентни лица. Сигурно тоа не го прави ниту градоначалникот, ниту курирот. Но, токму тие компетентни лица го резилат градот, Општината. А на добитниците им ја намалуваат радоста. Во таа година не е само Библиотеката која добила вакво признание. Таква плакета добиле и други луѓе, поединци и институции.

Постојат вакви грешки на кои не им се знае авторот, а тие ја срамотат Општината, а го срамотат и градот. Слична беше грешката со спомен – плочата на родната куќа од Методија Шаторов  Шарло. Неговото име беше ставено во наводници. Грешка што неможе да ја измери ниеден кантар. Авторот и тогаш непознат, а резилот голем. Сега таа куќа е урната. Судбината на плочата не ни е позната, а таква каква што беше сведочеше повеќе за нашата неписменост и  неодговорност отколку за тоа дека тука се родил Шарло.

Вакви се грешките во Градската болница, во Здравствениот дом (Уредот), во новата зграда на Општината. Во сите нив, на таблите по ходниците наместо КАТ пишува СПРАТ. Буквите убави, авторот непознат, хонорарот (најверојатно) исплатен. Главата мирна. Не е паднато ниту едно влакно од косата. А срамот? Кој го чувствува ќе се срами, кој не, петпари не дава.

Да се вратиме во Библиотеката. Го прашавме директорот што мисли. Тој веднаш одговара дека уште тогаш им забележал, им укажал. Но, грешката е направена и сега неможе да се стори ништо. Го сфаќаме. Исто како што и ние лично неможеме да сториме ништо повеќе.

А тие што добиле таква плакета во 2010 година, тие што ја заслужиле таа награда, вечно ќе чуваат во своите витрини, одличје, унакажано и нагрдено од нечија неодговорност. Таквиот трофеј ќе сведочи за заслугите на добитникот, но ќе го легитимира и авторот на текстот. За жал, тој ја претставува Општината, го претставува градот. Сепак, ќе остане непознат и затскриен. Така е барем за нас. За граѓаните на Прилеп. Така е за нас кои пекаме за почист јазик, за поголема одговорност, за посилна самосвест.

Благоја Ивчески

Loading