КОЈ САКА ДА НÉ “ЗАВАДИ”?

Не сакаме да се повторуваме и да пишуваме повеќепати за исти грешки. Го правиме тоа мошне ретко, кога ќе се појави некоја неопходна потреба. Кога ќе се појави грешката во некој друг, поинаков контекст. И нема некоја честа потреба за повторување. Грешки има доволно. Изворот е непресушен. Извираат постојано. Дури се случува човек да не може да наваса па да ги регистрира сите. Неговото величество – телевизорот, нашиот прозорец кон светот, е секогаш ширум отворен. Од него истекуваат грешки до недоброј.

Постои една телевизија која се вика НАША. Имаат доста контактни емисии. Се јавуваат гледачи. Зборуваат на разни теми и за разни проблеми. Некои нешто предлагаат, некои критикуваат, некои си ги кажуваат маките. Тука е водителот, кој на некаков начин, треба да одговори, да прокоментира и евентуално, да го даде своето мислење. Рековме, таа телевизија се вика НАША, а на водителот не му е многу присрце НАШИОТ јазик. Само за пример, ќе кажеме дека тој човек никогаш не ја употребил македонската лична заменка ЈАС. Постојано вели ЈА и што ли уште не вели тој човек, тој водител од таа НАША телевизија. Пред некое време слушавме една таква, контактна, емисија. Се јавува некој гледач со определени критики и забелешки за некои состојби и за некои личности. Редно е сега нашиов водител да го даде своето мислење за тој човек, за таквите луѓе. Ќе го цитираме! Тој вели: “Значи тој сака нас да нé ЗАВАДИ. Тие сакаат да нé ЗАВАДАТ”. Сиот негов речник е премногу валкан. Ова го издвојуваме, зашто досега не сме го чуле. Не сме чуле од некоја наша телевизија некој да го употребил тој збор. Зошто водителот не вели дека тие сакаат да нé СКАРААТ, туку вели дека сакаат да нé ЗАВАДАТ? А тој српски израз значи токму тоа, да нé СКАРААТ. Емисијата што ја води сега тој водител се вика “Јади бурек”, но грешките што ги прави не можат ни да се изџвакаат ни да се голтнат.

Таа телевизија постои. Сега е модерно да се вели дека има лиценца. Таа телевизија, веројатно ги исполнува сите административни услови за постоење. Но, значи ли тоа дека таму може да се зборува на ваков нечист јазик? Грешката што ја набележавме не е единствена и не е ретка. Сме пишувале и другпат за јазикот на овој водител. Но, кај нас во Македонија, јазикот не е еден од условите за постоење на таков медиум, каков што е телевизијата. Таму може да се зборува кој како сака. Важно, административните услови се исполнети.

Рековме дека не сакаме да се повторуваме и да одбележуваме грешки за кои веќе сме пишувале. Овојпат сме принудени да го направиме тоа. Сме пишувале дека е погрешно да се вели, оти во РЕПУБЛИКАВА времето ќе биде сончево, во РЕПУБЛИКАВА допатува таа и таа делегација и така натаму.

Додека постоеше Југославија, постоеја 6 републики меѓу кои и Македонија. Ако требаше да се каже нешто за некој настан кој се однесувал на една од републиките, да речеме во Македонија, можеше да се рече во РЕПУБЛИКАВА. А ако тој настан имал југословенски карактер, ќе се речеше во ДРЖАВАВА. Сега, Македонија е самостојна, независна, суверена држава. Именката РЕПУБЛИКА има атрибутивна функција, го објаснува политичкото, општественото уредување на земјата. Државата може да биде и КРАЛСТВО и ПАРЛАМЕНТАРНА МОНАРХИЈА и ЕМИРАТ. Но никој нема да рече дека во КРАЛСТВОВО времето ќе биде сончево. Затоа треба да се употреби целото име и да се рече дека во Република Македонија (или во државава или во земјава ) времето ќе биде сончево.

Сево ова го пишуваме за да укажеме на грешката што ја слушнавме пред некое време од страна на Министерот за образование. Зборуваше тој за матурските испити во училиштата во нашава земја. Вели: “Во цела РЕПУБЛИКА, процесот се одвива одлично”. Не оди тоа така. Може да се рече дека процесот се одвивал одлично во ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА, во ЦЕЛА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во ЦЕЛА ДРЖАВА. Но, во ЦЕЛА РЕПУБЛИКА не може. Грешката е до толку поголема, што не е направена од случаен човек, туку од министер. Министер за образование. Фактот, што токму тој министер зборува на мошне чист македонски јазик, не може да ја оправда ваквата грешка. А ја слушаме многупати и од мнозина. Затоа лекторите не треба само да ги лекторираат официјалните, напишани текстови. Тие треба и на друг начин да укажуваат и да влијаат.

Благоја Ивчески

Loading