МИХАЈЛО ПЕТРЕСКИ, ГАЈДАЏИЈА
Михајло Петрески, член на КУД “Пенка Котеска” 30 години свири на гајда. Три децении е учесник на фестивалот “Пеце Атанасовски”. За него тој е душата и срцето на Македонија и затоа треба да се негува и одржува.
– Фестивалот е гордост и симбол на културата. Треба да се негува традицијата стара од памтивек, да се чуваат инструментите, да се учат ората, песните – вели Петрески, кој со радост секоја година ја свири ,,Отидов село Долнени,, како вовед за старт на фестивалот.
Самоук гајдаџија е, оти му лежел тонот.
– Пријатно е да се “дува” во гајдата. Со КУД “Пенка Котеска” свирам насекаде. Лесно ги “тегнам” Тешкото, Радикалката, Куцаното – додава тој, порачувајќи им на младите да ја чуваат традицијата за изворната музика.
Инаку, на 39-тото издание на “Пеце Атанасовски”, Гран при наградата отиде во рацете на членовите од КУД “Цветан Димов” од Скопје, а на Љупчо Најдоски од Македонски Брод му припадна “Гајдата на Пеце”.