ПРОМОЦИЈА НА ЧАТМОВ

ЦК ,,МАРКО ЦЕПЕНКОВ,,

Изложба на 20 слики од Трајче Чатмов ќе биде отворена во вторник од 20 часот во галеријата на ЦК “Марко Цепенков”, во првиот дел од Прилепското културно лето. Уметникот ќе се претстави со дел од творештвото во кое го пренесува сопствениот свет.

– Тргнувајќи од самиот себе си како изолирана единка во оваа денешна турканица од небитности, затворен во својот сопствен свет го барам просторот од моите соништа, просторот во кој се наоѓам себе си. Простор нестварен, замислен, но за момент за мене реален. Создавајќи ги,  онака како што во тој момент посакувам, без некоја фиксна идеја која е непроменлива, туку напротив е идеја која постојано се менува, дише, живее со мене, идеја за која не постои целосна свесност и намера за реализација, туку едноставно желба за бегство некаде каде што јас посакувам. Мој свет, мое господарство, создадено за мене, преку кое гледачот ќе го доживее сопствениот свет, градејќи кула од чувства  – вели уметникот.

Трајче Чатмов завршил ФЛУ во Скопје – педагошко сликарство во класата на Рубенс Корубин, а магистрирал сликарство и естетика во класата на Родољуб Анастасов. Вработен е во Министерството за одбрана и работи во Домот на АРМ во Скопје.

Реализирал самостојни изложби во Скопје, Охрид, Велес, изложувал на групни во земјата и во Германија, Бугарија, Чешка, Словенија, Србија… Учествувал на Школата за анимиран филм и во 1997 година ги освоил наградите за најдобар краток документарен филм и за најдобра камера.

Loading