ГАЈДА, КАВАЛ, ТАПАН… НА КАМЕНАТА БИНА

39. ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ НА НАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ И ПЕСНИ ,,ПЕЦЕ АТАНАСОВСКИ,,

Од вечерва до недела по 39-ти пат ќе се одржи Фестивалот на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”, кој ја продолжува традицијата за негување на изворната македонска музика. Два дена ќе ечат гајдата, тапанот, кавалот, кемането… ќе се слушне изворната песна.

Фестивалот последните три години, заради оправдани причини, вели директорката Весна Атанасоска Вучиќ, се пресели од Рудина во Долнени, на летната сцена на плоштадот Александрија.

– Потенцираме дека местото на Фестивалот е на Рудина, но кога ќе се создадат услови. Дотогаш натпреварувачкиот дел ќе биде во Прилеп. Годинава придружните манифестации се во Долнени – вели Вучиќ, потенцирајќи дека Фестивалот е белег на Македонија, на изворното, на традицијата.

Вечерва од 18 часот е промоцијата на книгата “Македонското традиционално народно пеење – хрестоматија со мелопоетска анализа” од д-р Родна Величковска, издание поддржано од Министерството за култура, како и претставувањето на CD-то “Пат послан со песни” од Тихомир Стојановски.

Официјалниот старт е од 20 часот на летната сцена со претставувањето на учесниците од разни краеви на Македонија.

Утре повеќемина етномузиколози од земјата и странство, меѓу кои и еден од Унгарија, кој треба да докторира на тема македонската изворна музика, во Долнени ќе дебатираат на тема “Форми и содржини на презентирање на изворен фолклор”, по што пред спомен куќата на Атанасовски дел од учесниците ќе имаат настап.

Вториот натпреварувачки ден продолжува утревечер, а завршницата е в недела, кога ќе бидат доделени наградите за најдобрите и учесниците  ќе го посетат манастирот Св. Архангел Михаил.

Фестивалот како единствен на Балканот има специфична мисија – да го презентира фолклорот, да се разменуваат искуства, да се развиваат пријателства и да се одржува комуникацијата меѓу народите. Затоа Прилеп сесрдно го поддржува.

– Свесни за делото на Пеце Атанасовски во зачувувањето и презентирањето на фолклорното богатство во светот, како најзначајно културно наследство на земјата и оставено за сите генерации, му посветуваме големо внимание на фестивалот. Лани на Атанасовски му поставивме споменик, а догодина, за јубилејот ќе се погрижиме достојно да го прославиме – вели градоначалникот Марјан Ристески.

ДЕФИЛИРАЛЕ 9000 ИНСТРУМЕНТАЛИСТИ

– Во минатите 38 години учествувале над 9000 инструменталисти од Македонија и странство. Првото издание беше во 1974 година, кога светски познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски, заедно со етномузикологот Живко Фирфов, Илија Лашкоски и други ентузијасти, го организираа првиот регионален натпревар во свирење на гајда. Од година во година прераснува во републички фестивал на народни инструменти и песни “Марко Цепенков”, а во 1996 година е преименуван во “Пеце Атанасовски” со главна задача да ги сочува од изумирање драгоцените и древни вештини на свирачите на народни инструменти и пејачите на изворните народни песни – велат од Фестивалот.

Loading