ДАЈТЕ ФУДБАЛ, КАКОВ БИЛ

ФУДБАЛ

Попусто некои убедувања дека треба да се свртиме кон малите спортови, кога народот уште има мерак кон фудбалот. Каков – таков, луѓето го сакаат. Ако нема прволигашки гледаат второлигашки, ако и тој го нема преку летово, интересен е и општинскиот.

Во неделата набрзина беше договорено бараж мечот за Трета лига – Југ, помеѓу Младост Удово (Валандово) и Марена (Кавадарци), наместо во Велес да се игра во Прилеп. Без речиси никакви медиумски најави, од човек на човек се пренесе веста низ градов и во неделата попладне се чекаше дуелот. Ниту невремето со дожд и град не ги спречи повеќе стотини фудбалски вљубеници да дојдат на стадионот “Гоце Делчев”. Победи Младост Удово со 3-1 (1-1) и оди ранг погоре.

Нов член на Третата лига – Југ е и Варош. Службено, без борба го доби бараж мечот со откажаните Гемиџии од Велес. И пред натпреварот закажан во Марена варошани беа фаворити, така што сосема очекуван е епилогот. Во Третата лига друштво прават уште шест тима од ОФС Прилеп: Големо Коњари, Партизан (Обршани), Тополчани, Млекар (Мало Коњари), Кадино и Младост (Кривогаштани).

Фудбалот останува далеку најмасовен спорт во општинава, со 31 сениорски екипи: осум во Б, 12 во А – ОФС, седум во Трета, три во Втора, плус женската од Победа.

ПРВО МЕСТО

Завршниот турнир од ФФМ јуниор лигата во Преспанско – пелагонискиот регион донесе прво место за школата Шампион. Генерацијата 1998/99 се покажа на стадионот во Ресен, со победи 4-1 над Топ гол (Битола) и 1-0 со Тотал фудбал (Ресен). Претстои учество на државно ниво.

Loading