ДВА НОВИ НАСЛОВИ ОД МЕЛВИЛ

Од релативно големиот број творби што ги насобрал во текот на годините, по романот “Стравови”, преку издавачката куќа Зенит, авторот Даниел  Мелвил, на читателската публика í подари уште два наслови: романот “Реквием за едно човештво” и збирката раскази “Македонска рапсодија”.

Со исклучителната дарба за прозен израз низ јасна, стилски конципирана реченица, писателот Мелвил нуди нова аванатура, ново откритие за тоа до каде оди развојот на човечката мисла, втурнувајќи го читателот во незаборавно доживување. Низ страниците на романот “Реквием за едно човештво” прави невидена претпоставка за тоа што би било доколку би било, или ако не нема нас, го нема овој свет, кој би го заменил денешното човештво. Или уште поточно кажано низ интересен, динамичен и несекојдневен пристап ја разработува тезата за опстојот, вербата и надежта кој секој треба да ја негува.

Ако филозофската размисла за тоа што значи времето и дали може да се “сонува”, односно патува во иднината или во минатото, во универзумот, е темата со која се занимава во романот за т.н. посмртна песна за позицијата на човештвото, во другата објавена книга Даниел Мелвил пренесува реалистични и научно – фантастични раскази. Покрај носечкиот “Македонска рапсодија”, во збирката има и други раскази кои се своевидни мини романчиња. Држејќи се строго до критериумите или уште попрецизно до елементите, начинот и видот на развој на фабулата, авторот пренесува дејствија кои се случуваат овде и сега во реалниот или во имагинарниот свет каде е сé возможно. Неговиот разигран, сликовит и интересен стил на изразување е одлична алатка за доживување на кратките содржини кои претставуваат одделни целини, посветени на личности или настани. Или како што рече и промоторот на книгите, професорот Петар Башески, во романот “Реквием за едно човештво” е вистината за наводниот подземен град Вашингтон, или пак колективната меморија, сочувана во народното творештво, може лесно да се препознае во книгата раскази во кои се истакнува “Македонска рапсодија”.

Мелвил е автор и на стихозбирката “Зрело жито” која промоторот Башески ја спомена со посебен пиетет, бидејќи говори за македонштината која авторот ја негува силно и длабоко долги години далеку од родната грутка. Импресијата од тоа дело Башески ја потврди читајќи ја песната “Херонеа”.

И како што вообичаено бидува кај вљубениците на пишаниот збор, промовирањето на новите наслови и исклучителната средба со авторот кој е роден во Прилеп, а го дишел овдешниот воздух како гимназијалец, за потоа да замине ширум светот, се претвори во прекрасно дружење, размена на искуства, освежување на спомените, случките и препознавање. 

Атмосферата ја надополни изборот на македонска музика на бендот Бунтески.

Авторот Даниел Мелвил вети нови книги преку издавачката куќа Зенит, а на чии насловни страници, како и досега темите ќе бидат илустрирани со уметнички слики на сопругата Даниела Ланген, која е  магистер по филозофија, долгогодишен професор, а од која Даниел Мелвил добива помош, поддршка и техничка соработка. 

Организатор на промоцијата беше библиотеката “Борка Талески”, која секогаш ги поддржува и афирмира новите книжевни дела особено од роднокрајните автори. 

Loading