ДВА МЕДАЛА ОДЕДНАШ

МОДЕЛАРСТВО

Во воздухопловно моделарство, категорија Ф 1 А едрилици, талентот го потврди младиот Бојан Димески од АК Прилеп. На 10. Светски куп во Визе, Турција, настапи двапати и освои два медала. Во јуниорска конкуренција не му беше многу тешко да е најдобар за “злато”, откако го совлада единствениот конкурент, Турчинот Јуртсевен. Помасовна е сениорската конкуренција со 13 пилоти од Турција, Бугарија, Македонија и Русија, а таму нашиот натпреварувач се искачи до третото место за “бронза”. Значајно е што го победи актуелниот европски шампион, Бугаринот, Николов.

Следи Европското првенство по две недели во Пазарџик, Бугарија.

На државниот натпревар во слободнолетечки модели за сениори и јуниори на спортскиот аеродром кај Мало Коњари триумфираше Бојан Димески. До четвртото место се клупските другари, Кирил Димески, Давид Најдоски и Владимир Попоски. Екипно најдобар е Прилеп, пред Кавадарци и Битола.

Селекторот Здравко Тодороски додели потврди за членство во репрезентацијата на единаесетмина, меѓу кои прилепчанецот Бојан Димески.

Loading