ПРИВРЗАНИК, ПОБОРНИК А НЕ ПРИСТАЛИЦА

Често пати луѓето имаат обичај, па дури и потреба, да ги соопштуваат своите титули. Да ги експонираат своите атрибути и со тоа да им дадат на знаење на гледачите со кого имаат работа. Така беше и на една дебатна емисија на некоја од нашиве телевизии. Темата, вообичаена. Состојбата во Македонија гледана од аголот и на позицијата и на опозицијата. Присутни – неколкумина соговорници. Не навлегуваме во тоа кој како ги гледа работите и каков став има спрема одредени проблеми и состојби. За тоа секој си има свое право. Обрнуваме внимание на јазикот. Друштвото елитно. Претставници од највисоките кругови. Јазикот – се знае, како обично. Човек не може постојано да седи со пенкалото в раце и да ги забележува сите грешки. Од овој телевизиски разговор ќе одбележиме само една грешка што ја запаметивме. Еден од учесниците ни кажа дека тој овде не присуствувал ни како политичар ни како професор, туку едноставно – како интелектуалец. Во своето интелектуално излагање тој се задржа на некои состојби во Македонија, за начинот на трошењето на буџетските средства. Вели дека многу пари се трошеле ненаменски, а народот СКАПАВА од глад. Не навлегуваме во точноста на податоците што ги наведува, но се прашуваме, од каде го најде глаголот СКАПАВА, па дури и со погрешен акцент – на вториот слог одназад. Тој се претстави и рече дека присуствува како интелектуалец. А дали му прилега на еден интелектуалец да прави вакви грешки? Нашиот глагол е СКАПУВА, што ли го тера нашиов интелектуалец да вели – СКАПАВА? А го повтори и во множинска форма – СКАПАВААТ!

Во една слична емисија го слушавме излагањето на еден наш пензиониран генерал. Темата беше Деветти мај. Некогаш тоа беше празник со кој се одбележуваше победата над фашизмот, а сега се претвори во празник на Европа, односно Европската Унија. Зборува генералот за времето на борбите против фашизмот. Изнесува разни факти и податоци. Изразува жалење дека Деветти мај се подзаборавил како празник за победата над фашизмот. Тој вели дека бил ПРИСТАЛИЦА празникот да си го задржи и тоа значење. Сето тоа си е во ред. Но зошто зборот – ПРИСТАЛИЦА? Зошто не вели дека е ПРИВРЗАНИК на таквото мислење, дека е ПОБОРНИК за тоа? И на многу други начини можеше да го искаже својот став, но еве тој е “присталица” да употреби туѓ збор.  

Кога гледаме филм на телевизиските екрани, повеќе можеме да го следиме дејството ако има тонски превод, отколку да читаме преведен текст. Читањето на текстот ни го одзема вниманието, нé оттргнува од следењето на настаните. Во последно време на нашите телевизии практиката е таква. Преводот е тонски и ние слушаме (треба да слушаме) македонски јазик. Но, оној јазик што го слушаме на нашите телевизиски серии, не заслужува да се нарече дури и карикатура на македонскиот јазик. Чудно е, премногу чудно, зошто телевизиските куќи си дозволуваат вакво нешто. Уште почудно е што нема да се огласи никаков компетентен фактор и да реагира. Она што го слушаме е неодржливо. Реагираат луѓето, гледачите. Дури и пцујат, но полза од тоа нема. Наместо македонски јазик, слушаме некој скопски жаргон. Погрешни реченични конструкции, до крајни граници испаколичен акцент, а за лексиката и да не зборуваме.

Ќе приведеме само некои реченици што сме ги слушнале, онака набрзина, пребарувајќи по програмите. Инаку, не можеме да издржиме и да ги следиме сериите во целост. Она е ужасно. Еве некои реченици: “Ќе му платам јас НЕГО”, наместо “Ќе му платам јас НЕМУ”. Ќе направиме една компарација со српскиот јазик. Како би звучело тоа: “Платиќу ја ЊЕГА”, наместо “Платиќу ја ЊЕМУ”.

Еве уште една реченица која е сосема карактеристична за скопскиот жаргон: “И НА НЕГО не може да му се верува исто како и НА ТЕБЕ”. Нормално оваа реченица треба да гласи: “И НЕМУ не може да му се верува исто како и ТЕБЕ”. И овде акцентирањето е сосема погрешно, а артикулацијата неиздржливо лоша.

И никој не реагира. Ама баш никој. Каде се уредниците на телевизиските куќи? Нели телевизијата им плаќа на овие актери кои го говорат текстот. Каде се лекторите? Нели тие се одговорни и компетентни за чистотата на македонскиот јазик. Каде е Министерството за култура? Нели ова е дел од тој ресор? Каде се политичарите? Парламентот? Ќе дојде ли овој проблем некогаш на дневен ред?!

Благоја Ивчески

Loading