ПРОМОЦИЈА НА ДВЕ КНИГИ ОД ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ

Продолжува да твори неуморното перо на авторот Даниел Мелвил, после успешниот прием кај читателите на книгата “Стравови”. Во вторник, 25 јуни, во 19 ч. во Градската библиотека ќе бидат промовирани две нови книги. Станува збор за делото “Македонска рапсодија и други раскази” и книгата со неодоливата тема на авторот – научната фантастика, насловена “Реквием за едно човештво”.

Иако тематски се различни, сатирата, грубиот реализам, благата еротика и ретро стилот на пишување остануваат препознатлив белег на авторот. На промоцијата, посетителите ќе добијат бесплатно примероци од новите наслови со потпис на прилепскиот автор.

Книгите се во издаваштво на Зенит.

Даниел Мелвил е роден во Прилеп, каде матурирал во гимназијата “Мирче Ацев”, а неговата литературна “ролја” тогаш била скромна. На 19 годишна возраст заминал од Македонија, но продолжил со книжевни активности, меѓу кои преведувачка дејност. Ги превел романот од Гастон Л’Ру “Тајната на жолтата соба” од француски на македонски, романот “Пасквелија” од Живко Чинго од македонски на француски, некои поеми од руски на македонски и на француски, како и неколку раскази од Филип Давид од српски на француски.

Почнувајќи од независноста на Македонија, десетина години, редовно соработувал со некои ревии или весници.

Од сопругата Даниела, која е магистер по филозофија, а и уметник сликар и долгогодишен професор, добива техничка помош и соработка со нејзини уметнички слики. 

Loading