КОНЕЧНО РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ

ФУДБАЛ: ГРАДОВ ПАРТИЦИПИРА ВО НАЦИОНАЛНИТЕ ТИМОВИ

– ВО А СЕЛЕКЦИЈАТА ДЕБИТИРА ГОЛМАНОТ ТОФИЛОСКИ

Ако слика-прилика за прилепскиот фудбал е застапеноста со репрезентативци, состојбата се мрднува на добро. По подолго време, во А селекцијата претставник е голманот Дарко Тофилоски од Кошице. Го игнорираа, иако имаше одлични одбрани во словачкиот прволигаш. Со селекторот Чеде Јаневски, државниот гол го чуваше вториот дел на мечот со Норвешка (0-2), каде е совладан од зицер, а одбрани повеќе опасни шутеви. Тофилоски е единствен прилепчанец, по “пензионирањето” на Гоце Седлоски и апстинирањето на Илчо Наумоски.

Во младата репрезентација до 21 година, на списокот од Бобан Бабунски е напаѓачот на скопски Металург, Марјан Радески. Беше повикан за мечот на гости со Азербејџан (0-0), но не настапи, поради повреда. Откако премина од 11 Октомври во прволигашот од Автокоманда, се покажа во младинскиот и сениорскиот тим. Незаменлив е во средината, постигнува голови во нападот.

Двајца репрезентативци се во младинската до 19 години. Голманот Давор Талески е повикан од второлигашот 11 Октомври. Почест и за него и за клубот, зошто реткост е талентот да биде забележан во второлигашки ранг. Квалитетите ги покажа на неколку првенствени натпревари. Дебитираше на турнирот Кварнерска ривиера во Риека, на мечот Македонија – Осиек (2-3), а по враќањето се сели во Металург. Во истиот државен тим, селекторот Алексо Мацков смета и на Јорданчо Наумоски, играч за врска на данскиот Брондби. И тој е поранешен член на 11 Октомври. Повикан е во репрезентацијата за Медитеранските игри во Турција.

Loading