МОНОГРАФИЈА ЗА КИРИЛ РИСТОСКИ

Монографија за еден од најрелевантните актери во поновата македонска историја Кирил Ристоски, во издание на МНТ беше промовирана на МТФ. Книгата е отпечатена со поддршка на Министерството за култура, ЛС, Фестивалот и ПИ ,,Витаминка,,

Уредникот, д-р Јелена Лужина, потенцира дека Ристоски одиграл вкупно 83 театарски, 26 филмски и телевизиски ролји, снимил повеќе од 200 радио драми, одработил поетски и други настапи, секогаш беспрекорен во интерпретацијата и бескомпромисен во однос на работата, зашто бил добитник на бројни награди.

– Го паметиме за еден од најскромните и најпитомите луѓе кои сме имале среќа да го запознаеме. Зад неговата едноставност и кроткост, прилично нетипична за актерската професија, по дефиниција екстравертна и барем малкуцка колерична, некако природно, незабележително, речиси “сама од себе”, трпеливо се создаваше една грамадна кариера, импресивна во секој поглед – вели д-р Лужина.

Прилеп му оддаде почит на својот сограѓанин од висок уметнички калибар за афирмацијата на градот. Локалната самоуправа постави плоча со неговото име на Патеката на славните пред ЦК “Марко Цепенков”. Плочата ја открија градоначалникот, Марјан Ристески и сопругата на Ристоски, Ружа.

Loading