ЖЕНАТА ОД ШРИ ЛАНКА

Квизот на нашиот Јавен сервис почнува да не забавува на еден поинаков начин. Станува забавно тоа што слушаме доста необични јазични грешки. Квизот носи наслов – КРУГ НА ЗНАЕЊЕ, но на водителот знаењето на македонскиот јазик не му е на некое високо ниво. Она што го зборува и како што го зборува тој, не може никој да го контролира. Но, прашањата кои се поставувани во писмена форма и одговорите кои се бараат, мора да бидат лекторирани. Од она што го читаме и што го слушаме, не се добива впечаток дека лекторот интервенирал некаде. Или, недајбоже, и лекторот е на нивото на водителот.

Да приведеме неколку грешки кои не смеат да се дозволат во ваква емисија. Се бара да се погоди некој поим, некој збор. Учесниците се мислат, гаѓаат, но не можат да погодат. А требало да се погоди зборот УМИВАЛНИК. Срамота е да не се знае дека овој збор не е наш. Само малку ако се размисли веднаш ќе се најде решението. Српскиот глагол гласи УМИВАТИ (се). Од тој глагол во српскиот јазик е добиена именката УМИВАОНИК. Во македонскиот јазик глаголот е МИЕ (се) и, според тоа, именката треба да гласи МИЈАЛНИК. Друго е тоа што нашата негрижа за јазикот е голема, па мнозина го употребуваат туѓиот УМИВАЛНИК, наместо нашиот МИЈАЛНИК. Но, на официјални места, како што е телевизијата, ваква грешка не смее да се прави.

Во некое од другите прашања во квизот требало да се најде одговорот, односно да се погоди зборот РИБАР. По некоја случајност, еден од учесниците бил рибар, па водителот, сакајќи да направи шега, вели: “Тебе те баравме ГЛАВОМ и БРАДОМ”. Го вели ова водителот толку ноншалантно, како да е изразот ГЛАВОМ и БРАДОМ повеќе од наш, и како да се употребува повеќе од често. Рековме дека за ваквите грешки не може да интервенира лекторот, но дали отпосле може и треба да му укаже на грешката, не знаеме. Не знаеме каков им е редот во ваквите ситуации.

Се јавуваат на квизот и правописни грешки. Зборот РЕЛЈЕФ беше напишан погрешно – РЕЉЕФ. За изговорот на буквата (гласот) Љ во нашиот јазик сме пишувале повеќе пати. Затоа сега само ќе ја регистрираме грешката без да даваме некои објаснувања. Ќе напоменеме само тоа дека грешката е редовна кога е во прашање пишувањето на овој збор. Треба РЕЛЈЕФ, а не РЕЉЕФ.

Имаше и едно чудно, необично прашање во квизот. Се бараше да се одговори како се викала жената, жителка на Шри Ланка. Се мачеа натпреварувачите, но не можеа да го најдат точниот одговор. Тоа мораше да им го каже водителот. Одговорот гласеше дека жителка на Шри Ланка се викала ШРИЛАЈКАНКА. Малку е чудно од каде и како го произведе водителот овој збор! Во Речникот (тритомниот) не е одбележан ниту тој, ниту пак името на државата Шри Ланка. Тоа е така од едноставна причина што во времето кога се печатеше Речникот, таа држава имаше друго име – Цејлон.

Ќе приведеме некои примери кои имаат иста наставка како Шри Ланка. На пример, државата (остров) Јамајка. Жителка на таа држава, и според нашето лично јазично чувство и според Речникот, е ЈАМАЈЧАНКА. Ќе набележиме и еден пример од нашиве простори. Именката ПАЛАНКА ја има и кај нас, а и во јазикот на другите поранешни југословенски републики. Жителка на ПАЛАНКА ќе биде ПАЛАНЧАНКА, а не ПАЛАНКАНКА. Така е одбележана и во Речникот на македонскиот јазик. По кој пат одел водителот на квизот да дојде до именката ШРИЛАЈКАНКА ? (или можеби беше ШРИЛАНКАЈКА, не се сеќаваме точно). Но, како и да е, и двете изведенки се погрешни.

Во граматиката има едно правило кое гласи – Редување на согласките. Тука се објаснува во кои случаи К преминува во Ч. ПАЛАНКА – ПАЛАНЧАНКА, не ПАЛАНКАНКА. За тоа треба мошне широка елаборација. Прашањето не е едноставно. Можеби некогаш, во некоја друга пригода ќе се обидеме да разјасниме нешто повеќе.

Благоја Ивчески

Loading