ШЕСТ СЕЛА НАД ПРИЛЕП

ФУДБАЛ: КОГА ГРАДОВ ЌЕ ДОБИЕ ПРВОЛИГАШ? 

– ЕЛИТНИ СЕ ТУРНОВО, ЏЕПЧИШТЕ, БОГОВИЊЕ, ПОСИЛНИ ВТОРОЛИГАШИ ЛИСИЧЕ, МИЛЕТИНО И МИРАВЦИ

Бледа фудбалска сезона и разбирлива загриженост кај приврзаниците на најпопуларниот спорт, со прашањето: Кога Прилеп ќе добие прволигаш? Никој не дава одговор поради скромниот второлигашки пласман на второлигашите, осмата Победа, деветтото Корзо и дванаесеттиот 11 Октомври. Уште есеноска се загубија шансите за висок пласман.

Голема штета е што Прилеп нема прволигаш. И тренерот Ќатип Османи, при гостувањето со Шкендија, истакна дека неправедно е Тетово да има четири, а Прилеп ниеден тим во елитата. Времињата носат промени каде не игра улога ниту традицијата, името, ниту големината на местото. Дури шест села фудбалски се над Прилеп. Во Првата лига се Хоризонт Турново, Ренова Џепчиште, Дрита Боговиње, а посилни второлигаши имаат Еуромилк Горно Лисиче, Руфеја Милетино и Миравци.

Нужна е итна стратегија со поддршка на најамбициозниот. Победа е бренд, 11 Октомври стар градски клуб, но, ако тие не можат, Корзо нема да чека за нов исчекор. Кој има спонзор и не плаче за буџетски пари – чесно напредува. Државата се покажува како донатор секаде по малку, без приоритет, иако сите спортови и медали не се исто вредни. Во Унгарија финансирале само пет спорта, сличен предлог и во Хрватска, а кај нас трпение до новиот првенствен старт, во август.

ПОД БИТОЛА

На завршницата од регионалната Јуниор лига, во двете генерации 2000/2001 и 2001/2002, доминација на екипата ЛГ од Битола. Градов го претстави ФК 11 Октомври. Помладите се четврти, со порази од битолските Тотал на пенали и 4-2 од Талент. Повозрасните се втори со победа 5-2 над Тотал и пораз 5-0 од ЛГ.

Loading