ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ ЈУНАК?

Едно прашање од квизот на Македонската телевизија не потсети и не врати многу назад во времето.

Пред многу години во прилепскиот театар работеше актерка која беше скопјанка. На сцената зборуваше одлично на македонски јазик. Во приватниот живот честопати практикуваше да зборува српски. Особено кога требаше нешто да цитира или да раскаже некој виц. Мошне интелигентна личност и мошне добра актерка. Но, ете, сметаше, некако, дека македонскиот јазик е под нивото на нејзиниот интелект. Ние лично, не можевме да го оправдаме таквиот нејзин однос спрема нашиот јазик. Поради тоа честопати и се погледнувавме напорки.

Се присеќаваме на еден краток дијалог меѓу неа и тогашниот гардеробер во театарот. Некаде, пред еден час пред почетокот на претставата, гардероберот ги разносува костимите од актерите. Однесол алишта кај некој актер, му ги дал и се враќа со закачалката в раце. Колешката го држи в раце своето зимско палто и му се обраќа:

– Дај ми ја БИГЛАТА.

– Што да ти дадам? – прашува гардероберот.

– Дај ми го тоа, АУФИНГЕРОТ, – продолжува колешката.

– Не те разбирам што ми бараш, – се чуди гардероберот.

– Абре, дај ми ја тоа ЗАКАЧАЛКАТА, – реагира колешката веќе малку наврекнато.

– Па така кажи, – вели гардероберот и í ја подава закачалката.

– Така кажи, ама додека да се сетам како се вика на македонски, – коментира колешката и ја зема закачалката.

Зборовите БИГЛА и АУФИНГЕР не знаеме на кој јазик се. Не знаеме и дали точно така треба да гласат. Ги пишуваме онака како што ги слушавме, како што ги изговараше колешката. Се коментираше меѓу колегите дека АУФИНГЕР бил германски збор, а за БИГЛА не знаевме никој ништо. Тоа и не е важно. Важното е дека колешката знаела како се вика тој предмет и на други јазици, но, ете, никако не можела да се сети како се вика на македонски. А зборот ЗАКАЧАЛКА не е некој збор што ретко се среќава па можеби може и да се заборави. Особено во театарот, тоа е секојдневна работа. Редовно и често пресоблекување за претставата, а потоа пак секој во своите цивилни алишта. Којзнае колку закачалки минуваат низ рацете секој ден. Но, ете, колешката не можела веднаш да се сети како се вика тоа на македонски. Познававме и некои други актери кои сосе опинци беа Македонци, а зборуваа српски. Македонскиот им служеше само како обврска да го зборуваат на сцената. А во приватниот живот поубаво им звучеше српскиот.

Поради таквите состојби, поради таквиот однос спрема својот јазик, дојдовме и до прашањето што го слушнавме на квизот. Еве, да го цитираме водителот. Тој ги прашува учесниците и вели: “Како се вика на македонски КЛАДИЛНИЦА”? Зар ова не е поразувачки податок. Замислете, водителот не поставува прашање како се вика КЛАДИЛНИЦА на германски, на српски, на француски или на некој друг туѓ јазик, туку прашува, како се вика на македонски.

Значи, се знае тоа, сите знаат дека на српски се вика КЛАДИЛНИЦА, но ќе се најде ли маж, јунак, кој ќе знае како се вика на македонски. Македонецот ги прашува Македонците како гласи тој збор на македонски. Ова е поразувачки податок. Така го чувствуваме ние. Податок што треба да не загрижи и да не замисли. А ова не е единствен случај. Колкупати сме слушале спортскиот коментатор да рече дека УТАКМИЦ…, НАТПРЕВАРОТ ќе започне во толку и толку часот. Српскиот збор му е понаколај, па потоа се поправа и вели НАТПРЕВАРОТ. Има многу такви случаи.

Вечерва слушаме коментар за дерби – натпреварот во ракомет помеѓу “Вардар” и “Металург”. Тренерите, Лино Червар и Веселин Вујовиќ даваат изјави. Зборуваат на својот јазик, а преведувачот го преведува текстот на македонски.

Тие луѓе со години живеат и јадат леб во Македонија. Особено Вујовиќ. И во Кина да беше, за толку години, ќе научеше и кинески. Но, ете, тој не знае македонски. Не сака ни да повти да проговори некој збор. Зборува овој податок за повеќе нешта. Нека си извлече секој свој заклучок.

А ние Македонците ќе си продолжиме и понатаму. Ќе се прашуваме како се вика КЛАДИЛНИЦАТА на македонски.

За волја на вистината и за среќа, во Прилеп исчезнаа КЛАДИЛНИЦИТЕ, кои не беа малку. Сега, насекаде пишува – ОБЛОЖУВАЛНИЦА.

Благоја Ивчески

Loading