МАЕСТРАЛНО УСПЕШЕН ТВОРЕЦ

ЉУБИША ГЕОРГИЕВСКИ, ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Театарскиот и филмски режисер Љубиша Георгиевски е добитникот на наградата за животно дело што ќе му биде доделена вечерва на свеченото отворање на МТФ. Овој творец во досегашните 76 години успеал, како што вели д-р Јелена Лужина, да биде маестрален творец.

– Во  минативе 55 (и нешто повеќе) години, потпишал повеќе од 160 претстави, ама и дваесеттина филмови (кратки и долги) и телевизиски драми. Љубиша Георгиевски е драмски писател, чии што девет пиеси се изведувани на десетици театарски сцени, македонски и немакедонски; десеттата пиеса со загадочниот, малкуцка трилерски наслов “Елсинор кејс”, чека праизведба. Тој е прозаист, есеист со десет објавени книги. Не се бројат колумните, фељтоните, полемиките и другата публицистичка актива. Тој е театарски педагог за кого неговите некогашни студенти раскажуваат легенди, се колнат во него и го имаат како репер според кој ги одредуваат личните и професионалните стандарди: естетички, етички, жителски, дури и семејни, интимни… Љубиша Георгиевски е интелектуалец од онаа вонстандардна, речиси ренесансна, денес веќе изумрена сорта… Активист е од голем формат, кој веќе 60 години, низ сите свои дејанија – театарски, писателски, мисионерско-просветителски и секакви други –  ултимативно ја застапува и ја афирмира каузата дефинирана во сосема еднозначна, проста и строга егида: МАКЕДОНИЈА – вели д-р Лужина.

Георгиевски е и политичар. Во 1994, на првите претседателски избори во Република Македонија освоил нешто повеќе од 203.000 гласови. Од 2000 година е дипломат – македонски амбасадор. Моментно е во Република Србија.

Loading