ШИРОК СПЕКТАР НА КВАЛИТЕТНИ ПРЕТСТАВИ

ПЕТАР ТЕМЕЛКОВСКИ, УМЕТНИЧКИ ДИРЕКТОР НА МТФ ,,ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ,,

Вечерва во ЦК “Марко Цепенков” по 48 пат ќе се крене завесата и се отвори театарската еднонеделна магија, крстена МТФ “Војдан Чернодрински”. Театарската сласт сефте ќе се почувствува со ансамблот на Драмскиот театар и претставата ,,Архелаос или Еврипид се враќа на Балканот,, од Јордан Плевнеш, во режија на Владо Цветановски.

Според уметничкиот директор Петар Темелковски, разнолик е репертоарот за официјалната и придружната програма.

Каква понуда ќе има на фестивалот и што ќе гледа публиката?

Годинешниот македонски театарски фестивал ќе понуди широк, разнолик спектар на драмска уметност.

Што беше водилка при креирањето на програмата?

Пред сé и над сé, кога ја составував програмата ми беше квалитетот на претставите.

Годинава доминираат претстави со домашен текст. Дали тоа се должи на зголемената продукција на театрите?

Точно така. Позитивната, стимулативната политика на Владата, поточно на Министерството за култура, преку министерката Елизабета Канческа – Милевска, кон драмската уметност, е основната причина за оваа драгоцена појава во театарското живеење во Македонија.

Според Вас театарот е еден од најмоќните инструменти за истражување и обид да се сфати себе си. Дали преку претставите во официјалната конкуренција го имаме истражувањето?

Радосен е податокот што и оваа, како и претходните години присуството на истражувачкиот процес е застапено на завидно ниво.

Ќе има и полноќни театарски доживувања. Што ќе гледа помладата публика, која е најголемиот консумент?

На овој дел од фестивалот му посветив не помалку внимание.  Годинава младиот дел од публиката ќе гледа четири претстави од факултетите за драмска уметност. По две од ЕСРА и од ФДУ. Застапени се и две од независните продукции, една од театарот “Скрб и утеха” и една во продукција на прерано починатиот костимограф и сценограф Тихомир Спировски.

А трибини, промоции..?

Ќе се одржат промоции на книги, средба со добитникот за животно дело Љубиша Георгиески и еден обемен симпозиум на тема  “Театарот како митска матрица на Македонија” под модераторство на академик Катица Ќулавкова, на кој ќе учествуваат еминентни театарски  творци.

Дали ќе има содржина за најмладите?

Тоа го воспоставив како дел на програмата за секоја година. Децата ќе уживаат во пладневните часови в недела со претставата од Театарот за деца и младинци, “Пипи долгиот чорап”.

Кои луѓе од театарската фела ќе бидат дел од жирито?

За оценка на претставите ќе се погрижат Васе Манчев- писател, Мустафа Јашар – актер и Јани Бојаџи – режисер и сценарист.

Внеси малку повеќе живот во смртта на Хамлет!

“Кои сме ние? Ова е најважното прашање кое на најрадикален начин ги отвора сите останати прашања кои се дел од социјалниот феномен познат под терминот “човек” и неговата суштина и постоење. Ваквиот театар на исповед е најсилната креативна енергија која и сцената и публиката ги носи на заеднички пат, во постојана болна и фрустрирана потрага по идентитетот. Театарот е еден од најингениозните човечки компромиси со самиот себе. Тој е еден од најмоќните инструменти за истражување и обид да се сфати себе си, светот во кој живее, и своето место во тој свет. Етиката е крвоток на естетиката. Без неа, секој театар е лажен и мртов”.

– Насловот на овој текст, всушност е експресија која режисерот на една проба, во сцената пред Хамлет да умре од отровниот меч на Лаерт, му ја упатил на актерот: ,,Внеси малку повеќе живот во смртта на Хамлет,, – вели Темелковски.

Loading