СЕТА ПУБЛИКА , НЕ ЦЕЛАТА ПУБЛИКА

“Следува програма наменета за ЦЕЛАТА ПУБЛИКА”.

Оваа реченица ја читаме безброј пати на сите телевизии. Дали ќе доживееме некогаш да прочитаме дека некоја програма е наменета за ПОЛОВИНА ПУБЛИКА? Или, можеби, за ЧЕТВРТИНА ПУБЛИКА? Како е тргната работава можеме да чуеме и да прочитаме се и сешто. Зошто да не биде напишано за СЕТА ПУБЛИКА, туку за ЦЕЛАТА ПУБЛИКА? Публиката се, всушност, гледачите. Сите гледачи. Ќе напише ли некој дека таа и таа програма е наменета за ЦЕЛИТЕ ГЛЕДАЧИ? Програмата би требало да биде за СЕТА ПУБЛИКА, а не за ЦЕЛАТА ПУБЛИКА.

И на други места сме ја слушале истава грешка. Во Парламентот. Еден пратеник му забележува на еден свој колега дека не бил коректен. Постојано дофрлал. Му вели: “За ЦЕЛОТО ВРЕМЕ додека зборував, вие дофрлате нешто и не ме оставате да се искажам”. И овде е направена споменатата грешка. За ЦЕЛОТО ВРЕМЕ! А може ли за ПОЛОВИНАТА ВРЕМЕ? зошто да не биде – за СЕТО ВРЕМЕ? Навидум, ситна, безначајна грешка, но сепак грешка. Мошне честа.

МРТ или како што се практикува сега да се вели – нашиот ЈАВЕН СЕРВИС, многу често ни сервира погрешни работи. Момчето што го води квизот “Круг на знаење”, не знае дека прави многу грешки. Во една емисија беше поставено едно прашање каде треба да се одговори како се викал на грчки РАЖНИЧ. Па дури напишано со Ч. Тој прво треба да научи како се вика на македонски, а потоа да бара како се вика на грчки. Ако е големата направа за печење РАЖЕН, тогаш малото ќе биде РАЖЕНЧЕ. Месото исечкано на поситни парчиња се нанижува на метална или дрвена прачка и така се пече. Така и се сервира. Е, тоа се вика РАЖЕНЧЕ, а не РАЖНИЌ. И тоа напишано РАЖНИЧ, што е и уште една грешка.

Еве неколку примери на слични деминутиви. Ако е именката КАЗАН, деминутивната форма ќе биде КАЗАНЧЕ, а не КАЗАНЧИЌ. Од именката БАДЕМ деминутивот е БАДЕМЧЕ а не БАДЕМЧИЌ. Раката на срце, грешката со РАЖЕНЧЕТО ја слушаме насекаде, во сите угостителски објекти. Сепак, водител на квиз на телевизија, не смее да биде на тоа ниво.

Едно од прашањата во квизот гласеше, што значи зборот ПОРТМОНЕ. Еден од учесниците одговори дека е тоа НОВЧАНИК, а водителот потврдува дека одговорот е точен. ПОРТМОНЕ е збор со француско потекло а значи ЌЕСЕ, ЧАНТЕ. Како што е за нас ПОРТМОНЕ туѓ збор, исто така, туѓ е и зборот НОВЧАНИК. ЌЕСЕ или ЧАНТЕ е кај нас. Во некои кругови  и во некои околности може да се користи ПОРТМОНЕ. НОВЧАНИК, без потреба го преземаме од српскиот јазик. Некои се обидуваат да го калкираат (да го преведат буквално) па го викаат ПАРИЧНИК. За ова сме пишувале и порано. Ќе повториме само тоа дека преводот е непотребен и неуспешен. Тешко ќе може да си фати место во нашиов јазик. А зборовите ЌЕСЕ и ЧАНТЕ не треба да ги бркаме. Напротив, да ги форсираме.

На крајот на квизот водителот редовно се заблагодарува. Вели – БЛАГОДАРАМ НА ВАС. Вечна грешка, безмалку од сите скопски телевизии. Зошто уште не сфатија дека треба – И ВАМ ВИ БЛАГОДАРАМ? Таа падежна форма е задржана во нашиов јазик. НА ВАС значи сосема друго – ВРЗ ВАС.

Спортските коментатори на нашиот ЈАВЕН СЕРВИС се посебна приказна. За натпреварот (ракометен) меѓу Македонија и Шпанија коментаторот вели дека се ГАЕШЕ надеж за победа. Глаголот ГАЕ, ГАЕШЕ, ОДГАЈУВА, го нема во нашиот јазик. Наместо ОДГАЈУВА кај нас се вели ОДГЛЕДУВА. Во дадениов случај може едноставно да се рече дека ИМАВМЕ надеж или дека се НАДЕВАВМЕ.

Кај спортските коментатори (и не само кај нив) често слушаме дека некои, во некоја област, СЕ ТРКААТ, или дека ЌЕ СЕ ТРКААТ. Чудно е кој го измисли овој глагол, а уште почудно е што голем број новинари го имаат прифатено. Глаголот е ТРЧА (трчам) па според тоа може да се рече дека некои ривали ќе ТРЧААТ, ќе се НАТТРЧУВААТ или најдобро – ќе се НАТПРЕВАРУВААТ. Можни се и поинакви варијанти, но ќе се ТРКААТ не може.

Благоја Ивчески

Loading