КОИ СЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ?

Светите Браќа, Кирил и Методиј, влијаеле врз културниот развој на Словените. Затоа ја добиле титулата Апостоли на Словените. Заслужни се за изумување на глаголицата, првата азбука користена да се препише на старомакедонски јазик. Глаголското писмо или глаголица (ранохристијанска азбука) е најстарата позната словенска азбука. Била создадена од Кирил и Методиј околу 863 година за преведување на Библијата и други книги на словенските јазици. Глаголицата има 41 буква, но нивниот број малку варира во подоцнежните верзии.  24 букви водат потекло од древно македонското писмо – венетското  со орнаментален изглед.

Во почетокот на IX век Византиската империја доживува културен расцут. Родителите Лав и Марија, по народност Македонци од Солун родиле повеќе деца. Побожните родители ги упатиле своите рожби во христијанството уште од детството. Синот Константин од младоста се занимавал со списи. Татко му го испратил во Цариград да го продолжи образованието. По школувањето, станал библиотекар при црквата Света Софија, а потоа бил поставен за професор по филозофија во училиштето, откаде го добил името Константин Филозоф.

Методиј се здобил со светско образование и се посветил на државната служба. Бил надарен со христијански добродетелен живот. Се посветил на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците.

Мисионерската дејност на Светите Браќа меѓу Македонците за возобновување и применување на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум.

Епохалното мисионерско дело Светите Браќа го почнале со мисии, кога Ростислав, кнезот на Велика Моравија, побарал од византискиот император Михаил 3 да му прати “епископ и учител, кој ќе ја објаснува на нивни јазик вистинската христијанска вера”. Заедно со ученици и помошници, тргнале во Моравија да отворат училиште на свој јазик за подготовка на свештеници и учители за Западните Славјани. Отпор давале германските свештеници, па Браќата го докажувале правоверието во Рим. Папата Адријан 2 ги одобрил македонско-славјанските богослужбени книги и наредил да бидат поставени во олтарот на црквата Санта Марија Маџоре. Дал согласност да се богослужи на македонски јазик во три римски цркви.

Кирил во Рим се разболел и се упокоил во 869 година. Методиј го продолжува делото за Западните Славјани со своите ученици. Истоштен од напори и измачувања, Свети Методиј се упокоил во Нитра 885 година.

Кирил и Методиј им служеле на славјанските народи, а нивните надарени ученици Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци, учители и просветители, го продолжиле делото на Светите Браќа.

Loading