Планинарите на Картуш со стотина гости, в недела ќе го изведат традиционалниот осми планинарски меморијален марш по Селечка, посветен на планинарот Петре Андоноски – Музичарот. Се тргнува од Плетвар до манастирот Свети Димитрија кај селото Селце. Во манастирскиот двор ќе се доделат признанија на најмладиот и најстариот учесник на маршот од 17 километри, а потоа ќе се споделат радостите за средбите со природата на заедничка трпеза со гравче.
И планинарите на “Јане Сандански” сабота ќе дочекаат стотина колеги од Бугарија, Србија, Република Српска, Косово и други земји да ја прокрстарат околината на градот и да уживаат во природните благодети и културното наследство. Колоната тргнува од амфитеатарот во Варош, да се видат црквите Св. Димитрија, Св. Никола и манастирот Св. Архангел Михаил, па кон Слонот, Шарен килим, тврдината на Крал Марко и камените гробници. Патот ќе ги води и кон манастирот Трескавец. По ручекот, ќе се “зададат” да стасаат за вечера и ноќевање со песна до манастирот Св. Ѓорѓија.
Домаќините ќе ја посветат неделата за прошетка на гостите низ Старата чаршија, Градскиот саат, споменикот на Александар Македонски, шаховската табла и Арт плоштадот.
Покрај запознавањето со убавините, учесниците ќе донираат средства за обновување на конаците на манастирот Трескавец.