СЕ КОПА КАЈ ГОРНО СЕЛО

Екипа од Заводот и Музеј врши археолошки ископувања на локалитетот Сурун кај Горно Село со седум античко македонски гробници издлабени во карпи.Тоа е продолжување на започнатите активности лани, кога целосно се истражи и се документира една гробница.

– Овој специфичен начин на погребување се појавува во втората половина на третиот век од старата ера. Се претпоставува дека   “новиот стил го донесуваат” македонските војници по враќањето од Блискиот Исток, каде било традиција, бидејќи во таква гробница бил погребан и Исус – вели Темелкоски. 

Според него, карактеристично е што со делкање на карпата се правела влезната патека, односно дромосот, додека по издлабувањето на влезот се формирала и внатрешноста на гробницата, преткомората и комората.

– На дното од комората која најчесто била со квадратна форма се издлабувало корито во кое се положувале урната со спалените остатоци од покојникот, како и даровите – керамички и стаклени садови. По завршувањето на погребниот ритуал, влезот се затворал со камена плоча – додава археологот.

Покрај гробницата, откриено е погребување на спалени покојници од раноримскиот период на преминот од старата во новата ера, односно околу 100 години подоцна од погребувањето кое се извршило во гробницата. Ова значи дека на поширокиот простор егзистирала некропола во која се погребувало во временски период од крајот на третиот век од старата до почетокот на првиот век од новата ера. Истражувањето финансиски го следи Министерството за култура.

Loading