ПЕТТО И СЕДМО МЕСТО

Карате

Петтото место е највисокиот пласман на репрезентативците од КК Ронин на Европското првенство за јуниори и кадети во Коња, Турција. До него стигна ката тимот Маријана и Мишела Димоски со Искра Каракашоска. По серија од четири тешки меча за влез во финале дојде дуелот со домаќинот, Турција. Како обично што се случува, домаќинот поддржан од судиите, победи со 4-1, а Македонија се бореше за трето место и загуби од Белорусија.

– Бронзениот медал го загубивме од банална причина. Со новите правила традиционалниот поклон треба да се изведе на почеток од кога се мери времето, а девојките од замор и возбуда не го изведоа и беа дисквалификувани. Задоволен сум од петтото место, со оглед на возраста од 14 години, наспроти 17 на конкурентките – вели селекторот и тренер на КК Ронин, Златко Димоски.

Седмото место е за Маријана Димоска, поединечно. Помина две кола, а во трето загуби од шампионката, Турчинка. Во репасаж, Димоска победи над претставничка на Белорусија, но во борба за медал загуби од Словакинка. Солидни настапи имаа Поликсенија Јованоска и Даниел Петкоски, кои дадоа отпор на шампиони од Англија и Словачка.

Loading