ПОДОБРИ ОД ВРАПЧИШТЕ

Корзо

Квалитетен, полезен тест меч одигра Корзо со солидниот состав на Врапчиште. По негативата 1-2 на полувреме, во вториот дел прилепскиот тим се созеде и избори пресврт за 4-2. Според одиграното, крајниот исход е плод на ефикасноста и добро е што има подобрување во тој сегмент, каде есеноска се јавуваа пропусти. На вистинското место погодија Ивановски, двапати Гелов и Анастасов. Во почетната постава на новиот тренер Зоран Штерјовски беа Сркески – Ѓорѓиески, Гелов, М. Ќушкоски, Ивановски – Стојковски, Лиманов, Марковски, Мижоров – Стојанов и Гешоски. За пресвртот придонесоа Николоски, Анастасов, Велкоски и Карчески, а покрај новиот голман Гоновски поради мали повреди отсуствуваа Димитриоски и Шалевски.

Корзо ја темпира формата со новиот тим, каде се дури 11 новодојдени. Последни се приклучија Благоја Гешоски, повратник од шампионот Вардар, голманот Никола Гоновски и за врска Александар Анастасов, двајцата од Пелистер.

Одиграни се пет контролни меча, со две победи (Врапчиште 4-2 и Братство од Житоше со 2-0), а доживеани три порази (Победа јуниор 1-0, Македонија ЃП 6-3 и од Силекс 2-0).

Серијата тестови продолжи со Напредок, а за в недела се договара со соседниот прволигаш Пелистер.

Loading