ВИНАРСКИ АДЕТ ВО ТУТУНСКИ АТАР

Одбележан Свети Трифун

Масовна празнична винарска атмосфера во секоја викендичка

Иако Прилеп е познат по производството на тутун со вековната традиција, сепак со децении го негува и адетот на закројувањето на лозјата за верскиот празник Свети Трифун. Поголем дел од граѓаните со викендички во околината на градов го одржуваат обичајот на закројување на малите површини лозови насади покрај куќите за одмор за празникот на виното и лозарите.

Параклисот во месноста Склештен мост на патот за Маркова чешма повеќе десетлетија ги обединува околните сопственици на викендички. Облагородениот простор е примамлив за минувачите, а “соседите” држат до навиките на своите претци. Секоја година организирано го прославуваат кроењето на лозјата и практично ја отвораат сезоната на земјоделските работи. Домаќини и гости наздравуваат со вино и ракија, а на церемонијални пораки за бериќет упатуваат и свештеници низ вртењето на погачата.

Годинава задоволството да бидат домаќини на прославата на празникот ја имаа  ланските кандидати, градоначалникот Марјан Ристески, екс градоначалникот Илија Димоски, соработникот во локалната самоуправа Илија Карески, Петар Јованоски и актерот Трајче Иваноски. Покрај пламенот на свеќите и црковната традиција и наздравувањето со поздравот “За многу години”, се даде уште еден импулс на многустолетноста на корените на православието на овие простори.  Крај богатата трпеза, стотиците гости запеаја песна и се завија оро со желби годината да биде плодна и успешна.

Ристески, негувајќи го адетот, закрои лозова прачка со ножица, изразувајќи радост што бил домаќин на граѓаните кои го почестиле со одѕивот и оние кои со години го слават празникот.

– Чест и ќеф е да бидеме домаќини кај Маркова чешма за големиот празник. Им посакуваме многу здравје, среќа, радост и успех на сите, а годинава да биде побериќетна, да имаме добар род на грозјето и добро вино и ракија. Секако и исполнување на владините субвенции за лозарите. Годинава ќе се асфалтира патот кон Склештен мост, па од година полесно да доаѓаме сите добронамерници до ова атрактивно место – рече Ристески.

За Илија Димоски празнувања се важни за христијаните, оти се создава клима на дружење, блискост.

– Лани се кандидиравме и нé прифатија за домаќинлак. Достојно ја одржуваме традицијата. Очекувам омасовување на прославата, а и раст на посетеноста со достапноста по скорешното асфалтирање на патот, особено на младите, кои постепено се побројно влегуваат во колосекот на одбележувањата на празникот – вели Димоски.

Новиот домаќин Никола Трајкоски е радосен што в година ќе ги почести гостите во името на продолжувањето на патот на претците. В година, гости ќе канат и пречекуваат и домаќините Душан Синадинов и Влатко Гркоски. Се чувствуваат среќни и почестени што ќе ја покажат гостољубивоста. Одбележувањето на празникот е завет од претходните генерации, а чувањето на традицијата е исто како и чувањето на зеницата во очите. Негувањето на адетот е уште една потврда на идентитетот и ставањето цемент на православниот карактер на овој простор.

Инаку, традицијата вирее во помал обем 30 години. 

Loading