ВАЖНО БИЛО ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ

Се зборува на една телевизиска програма за соодветен филм од македонска продукција. Присутен и режисерот. Се зборува за повеќе карактеристики на филмот. Водителката прашува, режисерот одговара. Подолго трае разговорот. Режисерот, зборувајќи за повеќе особености на својот филм, во еден момент вели: “Филмот е мошне уникатен”. Случајна грешка ли беше тоа, невнимание ли, не знаеме. МОШНЕ УНИКАТЕН значи исто што и МНОГУ УНИКАТЕН. А може ли така? Може ли филмот да биде многу или малку уникатен?

Зборот УНИКАТЕН има латинско потекло. УНИЦАТУМ на латински значи единствен. Единствен примерок, оригинал. Филмот можеби по многу нешта да е уникатен. Можеби е единствено тој таков каков што е, со карактеристики што ги има само тој. Сето тоа е можно, но тој не може да биде МОШНЕ (многу) УНИКАТЕН. Тој, или што и да е друго, може да биде УНИКАТНО, но не може да биде МНОГУ ИЛИ МАЛКУ УНИКАТНО. Веруваме дека ова беше случајна грешка на режисерот, но ја одбележуваме зашто сме слушале други вакви или слични грешки. Сме чуле за МНОГУ ОПТИМАЛНИ услови. А, ОПТИМАЛНО (латински) значи најдобро, најповолно. Не може да биде МНОГУ НАЈДОБРО или МНОГУ НАЈПОВОЛНО. Затоа, не може и МНОГУ ОПТИМАЛНО, туку едноставно ОПТИМАЛНО.

Сме слушнале еден раководител на фирма да се фали дека нивните резултати биле МНОГУ ОДЛИЧНИ. Ова веќе не заслужува коментар.

Нашите спикери мошне често прават една грешка, за која не сме сигурни дали е тоа грешка на лекторот или на спикерот. Обично, кога се зборува за некаков свечен пречек на некого или на нешто, слушаме да се вели дека пречекот бил ВЕЛИЧЕНСТВЕН. А во други пригоди, кога имало некој огномет, ќе чуеме ВЕЛИЧЕНСТВЕН огномет. Или ќе ни кажат спикерите дека атмосферата била ВЕЛИЧЕНСТВЕНА. А зошто ВЕЛИЧЕНСТВЕНА? Именката е ВЕЛИЧЕСТВО, а не ВЕЛИЧЕНСТВО. Обраќањето на крал или на кралица е ВАШЕ ВЕЛИЧЕСТВО. Според тоа и придавката треба да гласи – ВЕЛИЧЕСТВЕН , ВЕЛИЧЕСТВЕНА.

Многу слична е грешката и со придавката БОЖЕСТВЕН, БОЖЕСТВЕНА. Речиси редовно слушаме БОЖЕНСТВЕНА. Се одржала БОЖЕНСТВЕНА литургија. Именката е БОЖЕСТВО, па според тоа и придавките треба да гласат БОЖЕСТВЕНА, БОЖЕСТВЕН, БОЖЕСТВЕНИ.

Повторно се прашуваме дали грешат лекторите или пак спикерите читаат напамет. А може да биде и тоа, најлошото, текстот да не е лекториран, а презентерите читаат како што знаат и колку што знаат. А во врска со јазикот, не знаат многу.

Ќе се осврнеме на една друга, поинаква тема. Но грешките ги има насекаде, без разлика која ќе биде темата и без разлика на тоа кои се учесниците во разговорот.

Овојпат, темата беше овоштарството. Агрономот објаснува за заштитата на овошките и за формирањето на круната кај овошните дрвја. Објаснува кога треба да се изврши РЕЗИДБАТА и како треба тоа да се направи. РЕЖЕЊЕТО било едно од најважните работи за добивање на добар род. Чудно е зошто во последно време ги слушаме зборовите РЕЖЕЊЕ и РЕЗИДБА. Кај нас дрвјата и лозјата се КРОЈАТ, а не се РЕЖАТ. Има разлика меѓу тие два збора. Глаголот КРОИ објаснува дека на нешто, на некој предмет па и на дрвјата им се отстранува непотребното, им се прави форма каква што треба, каква што сакаме ние, каква што сака кројачот. При ваквото дејство може да се сечат и многу дебели гранки, а тоа никако не може да се рече РЕЖЕЊЕ. Грешка е што во последно време се истиснува глаголот КРОИ за сметка на РЕЖЕ.

Уште нешто, во врска со кроењето на овошките објаснува агрономот. Тој вели дека треба да се внимава, особено на младите дрвца, да им се остава една основна гранка – ВОЃИЦА.

А зошто ВОЃИЦА? Зошто не ВОДИЛКА, како што треба, како што се вика во македонскиот јазик! Се замешавме во разговорот. Му забележавме на агрономот дека е тоа грешка. Одговорот беше чуден. Агрономот вели дека било важно да се разбереме, а не е важно каков и чиј збор ќе се употреби.

Не успеавме да ја разбереме ваквата логика.

Благоја Ивчески

Loading