ЈАВЕН КОЛНЕЖ

ЈАВЕН КОЛНЕЖ

Графити со неконвенционални пораки никнувале низ времето на слободни и фреквентни ѕидови на куќите, покрај вообичаените, “Смрт на фашизмот…”, “Тито, партија…”. Особено растел интересот за графити со курнаски или колначки содржини, откако завршила кариерата на аберџијата, Дуче – Барабанџијата. Инвентивноста не била да се пиши нешто интересно, туку да се жигоса некоја дубара. Вештите на акал,  ја покажувале дарбата по поставувањето на инките по бандерите низ градот, од каде се пренесувале соопштенија преку импровизираното студио на Радио Прилеп.

Некои серт сограѓани сами пишувале графити со прекори по фасадите, нервозни и лути на зулумот што им го чинеле мангупите и арамиите. Земале боја и на ѕидот колнеле јавно, оти им стискало да пратат саглам известувања преку радиото. Една таква порака влегла во филмската лента на фотографот пред пет-шест децении. Изгорен од бељата што му ја начиниле и зијанот што требало да го претрпи, напишал проколнување. Според квалитетот на буквите, се чини не штедел време, впечатливо да го напише и срочи колнежот, “Кој ги зеде вратата и ѓерамидите, аир и бериќет да не види”. Веројано во околината имал оставено некои предмети, а апашите му ги кренале да ги препродадат, бидејќи не биле вардени и обезбедени од пес. Тогаш немало камери или физичко обезбедување.

Како и да е, сопственикот ја изразил нервозата и немоќта да ги врати материјалите и во надеж дека некому што би му било шубе, можеби ќе го гризе совеста и ќе се попишмани, па ќе врати дел од пленот. Постарите паметат дека арамиите се поколебале и го вратиле материјалот кај месноста Ѓумушица, оти ги јадела јанѕа дека нешто лошо ќе ги следи.

Loading