ШАРЕНИЛО ОД БОИ НА СТОТИНА ПАРАГЛАЈДЕРИ

Домаќини и учесници на Чех опен 2012 во Крушево

            Од ПК Делта активни во две улоги. Домаќини се и учесници на големиот параглајдерски настан во Крушево Чех опен 2012. На натпреварите во дисциплината крос кантри – прелети се најавени 130 учесници. Чесите се организатори, а ние домаќини. Првпат се одржува чешко првенство во Македонија. Им се допаѓа пределот, меѓу петте најубави во светот – вели Мартин Јованоски, репрезентативец од ПК Делта.

            Прекрасна глетка се првите тренинзи, кога пилотите го испробуваа теренот. Во воздухот е шаренило од бои на стотина параглајдери. Половината се од Чешка, а другата половина од други земји.

            – Сакаме да бидеме одлични домаќини, така што нема сите да се натпреваруваме. Засега само јас сум пријавен. Во силна конкуренција очекувам висок пласман – истакна Јованоски.

            ПК Делта се состои од семејството Јованоски, Миле, Мартин и Борјан. Сите ќе учествуваат на Европското првенство, во дисциплината прецизно слетување, во јули во Охрид.

Loading