ЛЕТ БРОЈ 21 (1)

Од овој број почнуваме да објавуваме продолженија од новелата Летот број 21 од авторот Наташа Мирческа со цел да ја разбиеме летната монотонија, но и да поттикнеме емоции.

ЛЕТ БРОЈ 21 (1)

            Додека уморно чекаше да поминат и тие 45 минути, потпрена на неудобната клупа, Елизабета, по којзнае кој пат си го поставуваше истото прашање: “Дали навистина ова ми треба?” …Имаше 35 години зад себе, но ретко се случуваше да и даде некој повеќе од 25 години. Не ги криеше годините, времето од секогаш беше на нејзина страна. Висока и витка со црни, како ноќ големи очи, кои како да беа полни со ѕвезден сјај. Само густите и долги клепки одвреме на време ја прекинуваа за миг волшебноста што зрачеше од нив. Носот правилен, дури и мал, а устата како да и беше нацртана и секогаш нежно прекриена со лилав сатен. На нејзиниот темен тен совршено одговараше густата и црна коса која кадраво и пркосно се лелееше врз нејзините раменици и предизвикувачки и потскокнуваше на челото.             

            Беше  повеќе од убава и пожелна. Беше магнет за ненамерни погледи проследени со воздишки, дури и од самите жени. Од мислите ја одврати продорниот глас на службеникот од шалтерот за информации: “Ве известуваме дека  летот број 183 од Атина е одложен. Заради технички проблеми авионот од Атина не може да полета. Летот број 183 е одложен за утре”…        

            – Уште ова ми фалеше – низ заби промрморе Елизабета нервозно.

            Ја префрли чантата преку рамо, од џебот ја извади позлатената табакера, зеде една цигара и не палејќи ја, се упати кон излезот од аеродромот. Успеа да ја избегне мешаницата на паркингот и се упати дома. Не беше расположена да се врати на работа, а и веќе го најави своето отсуство до крајот на работното време.      

            Адвокатската канцеларија, преполна со хартии само би í го влошила нејзиното и онака недефинирано расположение.

            Возејќи мислите и беа насочени кон 3-4 реда напишани во нејзиниот омилен неделник од пред седум месеци. Обично ја прескокнуваше рубриката “Жива” но овој пат ја прочита преку стопати, поточно го прочита огласот потпишан како  “Закопано богатство”. Преку лицето и мина одвај забележлива насмевка, спомнувајќи си како веднаш се замисли со лопата во рацете на некој пуст остров. Ни повеќе, ни помалку, цели четири недели беше опседната со него. Магијата траеше 24 часа на ден. Се случи да загуби случај, кој на суд би го добил почетник, а камоли искусен и ценет адвокат со десет годишно искуство. Тоа ја чинеше доста пари. И се зеде мирот и спокојството. Не можеше ниту да спие. Се разбудуваше по неколку пати ноќе и како дух пред себе го гледаше огласот во рамка,   чија содржина и беше длабоко врежана во главата: “Можеби сум јас твојата среќна паричка – шифра Закопано богатство”.

            Застана на семафорот. Големото црвено светло уште повеќе ја вознемири. Чекајќи го знакот помисли дека одењето дома само уште повеќе ќе ја депримира. Погледна во часовникот, даде знак за вртење лево и се упати кон гробиштата. Почувствува дека í се сменува расположението. Ја фаќаше секојдневната монотона рамнодушност, со која беше неразделна другарка речиси 14 години. Елизабета, дури сега стана свесна за цигарата што ја држеше меѓу прстите. Никогаш не пушеше многу, но сега една цигара би í годела. Влегувајќи низ големата железна порта што го означуваше почетокот на убаво уредените градски гробишта, гледајќи го големиот прекрасен, тревник и густиот дрворед што како змија се извиваше пред неа стана свесна за тоа колку долго не дошла тука. Можеби изгледа апсурдно, но за неа ова место значеше многу повеќе од желба за живот. Се паркира, го погледна своето лице во ретровизорот и излезе од автомобилот. Немаше никој. Апсолутната тишина се кршеше од слабите сончеви зраци и шумолењето на лисјата од тополите од тивкото ветре. Ја врати цигарата во табакерата, ја префрли чантата преку себе и сигурно зачекори по патеката. Во мислите и се врати настанот, кој,  всушност претставуваше крај на почетокот и почеток на крајот на животот… Колку, тогаш пред 14 години, беше млада, среќна и вљубена. Цел свет беше нејзин. На 14 февруари, на Св. Валентин, Денот на вљубените, требаше да се венча за својата средношколска љубов Ален. Венчавката беше закажана, подготовките започнати. Сé беше толку прекрасно што и ден денес понекогаш и се чинеше како неостварен сон.  Три дена по Божик, пред речиси 14 години, í беше роденденот. Полнеше 21 година. За подарок од својот сакан, мајка í и татко í, требаше да го добие најубавиот невестински фустан. Неа ја оставија дома да ја доврши роденденската торта. Тие отидоа да го купат фустанот. Не се врати никој. Дојде полицијата да í каже дека нејзината мајка, татко í неидентификуван младич на околу 26 години загинале во тешка сообраќајна незгода… Го забави одот. Скршна на споредната патека и застана пред трите мермерни плочи.

            – Простете, овојпат не ви донесов ниту еден цвет – промрморе повеќе за себе и седна на клупата. Ја извади табакерата, извлече една цигара, ја запали и почна да пуши. Големите црни очи како да í се прекрија со густ чад. Гледаше бесцелно и се чувствуваше безнадежно. Сакаше да плаче, но не можеше. Од неа веќе одамна како да беа заминати и солзите. Чувствуваше потреба за мајка си, за татко си, за Ален, за некој што ќе биде покрај неа. Страшно сакаше да не е повеќе сама. Ја изгасна цигарата и остана да седи на клупата. Се обиде да замисли како би изгледале нејзините денес. Веројатно побелени и здебелени…

            “Доста Елизабета, главата горе”. Како да го чу длабокиот татков глас. Се штрекна, се исправи и се обѕрна околу. Ја заниша  својата убава глава.

Продолжува

            

Loading