Фолклорот ја чува традицијата

65 години КУД “Мирче Ацев”,

Ќе одекнат тапанот, кавалот, ќе се заврти македонското оро вечерва од 19 часот во салата од ЦК “Марко Цепенков”. КУД “Мирче Ацев” заедно со гостите од фолклорниот ансамбл “Темпет” од Макарска, Хрватска и ФА “Плетенка” од Битола, ќе одбележи 65 години од формирањето. Почетоците на друштвото датираат од 1947 година. Во досегашното постоење фолклорот го негувале илјадници членови. Некои многу посветено, некои помалку, околу 150 младинци и деца се дел од друштвото кои ја продолжуваат долгогодишната традиција. КУД “Мирче Ацев” го пренесува од генерација на генерација богатото фолклорно и културно наследство. Од него произлегле врвни  фолклористи, како што е гајдаџијата Пеце Атанасоски. Секој член  вградил дел од себе и дал придонес во преку 3500 концерти во земјата и речиси на сите континенти. Горди сме што сме наследници на претходните генерации кои ги донесоа наградите од Велика Британија, Белгија,  Шпанија, Франција… Сме добивале аплаузи на гостувањата во Полска, Мароко, Германија, Данска, Бугарија, Турција, Албанија, Хрватска, Србија. Ги освојуваме симпатиите на публиката, која знае и да заигра со нас – раскажува Атанас Гагалески, претседател на друштвото. Објаснува дека фолклорот е нашата традиција. Гордост е да настапуваш, да ја претставуваш Македонија. Но, во економската рецесија тешко се опстојува и се негува фолклорот. Се одржуваме со членарината и со спонзорствата од дел на прилепските фирми. Државата повеќе да се грижи и да посвети поголемо внимание на фолклорот. Ако младите не го учат, ќе се изгуби традицијата, ќе го снема македонскиот код – посочува Гагалески.

Loading