Пејо и укасаниот селанец

Двајца браќа, како сите живи луѓе, и тие купувале сол. Им се видела солта скапа, та гледајќи како расте житото, решиле да посеат и сол и да не даваат пари. Посеале цела нива, а за нивно “големо чудо” не никнала.

“Ајде, белки семето не чинеше годинава – си рекле браќата и в година посеале друго семе, поодбрано, но и тоа не никнало.

На третата година – исто.

Најпосле си рекле браќата:

“Нешто да го јаде семето в земја, што не никнува” и отишле на нива да видат што може да е.

Копале и случајно удриле на една змија.

– Еве го штетникот! – радосно извикале браќата.

Да се уверат дека змијата им го упропасила семето, едниот брат му рекол на другиот:

– Чекај, јас ќе ја лизнам змијата, да видам дали е солена.

Ако е солена, значи таа го јаде семето.

– И се наведнал да ја лизне змијата.

Како секоја змија, и оваа, го укасала за јазикот.

Отровот си го направил своето. Укасаниот почнал да стенка, да офка и да се грчи од болки и тежини и да фрла пена од устата.

Здравиот брат се видел в чудо и почнал да го прашува укасаниот што сака да касне.

Извадил од торбата лен и му подал, но тој ни да го помириса.

– Белки сакаш лук, бре брату? – го прашал здравиот и му дал едно главиче лук, но болниот и него не го помирисал.

Најпосле го качил на магарето и го однесол дома да го лекува. Му баеле бајачки, го пеал попот за здравје, го понадувале со разни понади – но нема лек од ништо.

Кога ни тиква, што е тиква, не јаде, значи болеста е неизлечива, утврди една од бајачките.

Се сетиле да го викаат Пеја Итроманецот.

Тој, ако не најде лек, отиде човекот, нема спас. Пратиле човек по Пеја.

Го разгледа болниот убаво – убаво, ја разбра работата, па им вели:

– Тешка болест, ама ќе се обидам – и го побарал ножот што ги колат маториците.

Го понаострил од плочата под огниште и му го даде на брат му:

– На – рече – пресечи му ја главата, да се спаси телото, па после јас друга ќе му турам, ако остане жив.

Мавна братот и му ја отсече главата на болниот брат.

Почекаа сите околу трупот и бидејќи тој без глава не мрдна.

Пејо немаше зошто да му клава друга глава на мртвото тело.

Loading