Ред се редат чистачи

Многу чистачи на чевли ваделе леб под Саатот во Старата чаршија на почетокот на минатиот век. Градски и селски луѓе со валкани, испрашени или калливи чевли, секојдневно за ситни пари ги л’снувале чевлите кај бројните чистачи.  Велат дека  било непристојно да се носат нечисти чевли. Тоа не било тертип само на чорбаџиите, туку на сите граѓани. Дури и селаните се дотерувале во чевли за шетање низ калдрмените сокачиња кога ќе дојделе в град на пазарење, а не на продажба на земјоделски производи. И тие се навикнале на градската култура. Првин ја туркале калта од обувките, а после тргнувале да фрлат некој опул по ретките слободни градски чупи. И денеска градските држат до редот и педантноста да носат само чисти чевли. Ако малку им падне прашинка,”маслинка не чекаат”. Веднаш ја ставаат ногата со чевлите на пангото на единствениот чистач на плочникот и лете и зиме.

Loading